Search
Close this search box.

Бети Стаменкоска Трајкоска

Бети Стаменкоска Трајкоска

Бети Стаменкоска Трајкоска е родена на 19.04.1977 во Скопје, каде го гради своето образование, професионален развој и јавен ангажман. Од 2001 година е дипломиран професор по географија при Институтот по Географија на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Својата долгогодишна кариера во образованието ја гради предавајќи во неколку скопски основни и средни училишта: ОУ „Гоце Делчев“, СУГС Гимназија „Јосип Броз Тито“ и СУГС Гимназија „Орце Николов“, каде покрај наставата е и класен раководител, но и активен учесник во бројни меѓународни проекти. Во училиштата каде работи, организира и спроведува еколошки иницијативи, активности за подигање на еко-свестa кај учениците, како и хуманитарни проекти насочени кон локалната заедница. Особено е препознаена по својата работа во билингвалните англиски и француски паралелки во гимназијата „Орце Николов“, каде активно учествува во меѓународни и франкофонски иницијативи и во развивањето на современи наставни практики. Паралелно, Стаменкоска Трајкоска е автор на учебници по географија, одобрени од Министерството за образование и наука, како и автор, учесник и координатор во Erasmus+ проекти. Таа е и дел од бројни професионални обуки во Франција и Англија, насочени кон модернизација на наставата и подигнување на образовните стандарди. Активно говори англиски и француски јазик. Од 2020 до 2025 година е пратеник во Собранието на Република Македонија од пратеничката група на ВМРО ДПМНЕ. На 22 јануари 2025 година, од страна на Француската амбасада во Република Македонија, Стаменкоска Трајкоска е одликувана со високото признание „Витез од редот на академските палми“, за нејзиниот исклучителен придонес во промовирањето на француската култура, образованието и франкофонската заедница, како и за нејзината активна улога како пратеничка и претседателка на Франкофонската секција во парламентот. На локалните избори што се одржаа на 18 октомври 2025 година, Бети Стаменкоска Трајкоска, како кандидат на коалицијата предводена од партијата ВМРО-ДПМНЕ, ја доби довербата на граѓаните уште во првиот круг и ја презеде функцијата градоначалник на Општина Кисела Вода.

Градоначалникот во рамките на своите надлежности:
– Ја претставува и застапува Општината;
– Ја контролира законитоста на прописите на Советот;
– Ги објавува прописите на Советот во службеното гласило на Општината;
– Го обезбедува извршувањето на одлуките на Советот;
– Го обезбедува извршувањето на работите кои што со Закон и се делегирани на Општината;
– Иницира и предлага донесување на прописи од надлежност на Советот;
– Го предлага годишниот буџет и годишната сметка на Буџетот на Општината;
– Го извршува Буџетот на Општината;
– Избира директори на јавните служби кои ги основала Општината, врз основа на јавен конкурс;
– Донесува решенија за утврдување на данокот на имот за имот кој се наоѓа на територијата на општината;
– Води евиденција за угостителските објекти и за работното време на угостителските објекти кои работат на територијата на општината;
– Склучува договори за закуп на објекти или делови на објекти на јавни установи со и без опрема за потребите на општината;
– Должен е веднаш да го извести министерството надлежно за вршење на работите од областа на локалната самоуправа за настанување на еден од условите за предвремено распуштање на советот;
– При предвремено распуштање на советот до избор на нов совет, ги извршува работите од надлежност на советот со определени ограничувања утврдени со закон;
– Член е на Координативното тело на градоначалниците на Град Скопје и на општините во град Скопје за остварување на меѓусебна соработка и решавање на прашања од заеднички интерес;
– Подготвува Ребаланс на буџетот во насока на надминување на финансиската нестабилност на општината кој го одобрува Комисијата формирана за надминување на финансиската нестабилност на општината;
– Редовно го известува Советот за извршувањето на своите надлежности во согласност со Статутот;
– Решава во управни работи за права, обврски и интереси на правни и физички лица, во согласност со Закон;
– Донесува Правилник за систематизација на работните места на општинската администрација;
– Одлучува за вработувањето, правата, должностите и одговорностите на вработените во општинската администрација, доколку поинаку не е определено со Закон;
– Обезбедува правилно и законито користење, одржување и заштита на сопственоста на Општината, во согласност со Закон и Статут и
– Врши други работи утврдени со Закон и со Статутот.

Оценете го нашиот труд и работа
Scroll to Top