Во новоизградениот Дом на културата КВК во Општина Кисела Вода се одржа комеморација по повод трагичната смрт на поранешната градоначалничка на Општината, Билјана Беличанец.
На комеморацијата присуствуваа градоначалникот Филип Темелковски, претседателот на Советот на Општината, Дарио Шимиќ, секретарот Александар Алексовски, поранешни и сегашни членови на Советот на Општина Кисела Вода, Цветанка Ласкова и Роберт Алаѓозовски, советници на премиерот, Дарко Каевски, директор на Агенцијата за млади и спорт и поранешни градоначалници. Присутни беа и блиски роднини, пријатели и колеги од театарот на Билјана Беличанец.
За ликот и делото на Билјана Беличанец пред присутните говореа градоначалникот Филип Темелковски и поранешниот претседател на Советот на Општина Кисела Вода, Трајче Донев. Говореа и нејзините блиски колеги од театарот, познатите македонски актери, Дејан Лилиќ и Весна Петрушевска.
– Со тага и неверување ја примив веста за смртта на мојата претходничка, поранешната градоначалничка на Општина Кисела Вода, г-ѓата Билјана Беличанец. Нема зборови со кои може да ги утешиме најблиските, посебно кога личноста што замина имаше само 45 години, зрачеше со елан, и од неа се очекуваше уште многу. Кога зборувам за г-ѓа Билјана Беличанец, зборувам за маркантна и уникатна личност, со која иако доаѓаме од различна политичка провиненција, секогаш сме имале коректен однос полн со взаемна почит. Кога зборувам за неа, мислам на професионалец, мислам на градоначалник – визионер, со визија за урбана и модерна општина Кисела Вода, општина центар на културните збиднувања, мислам на актерка која често со задоволство сум одел да ја гледам во театарот. И не случајно ја избравме оваа локација за нејзината комеморација. Таа го сакаше театарот, таа ја сакаше Кисела Вода. Прерано беше за збогување, г-ѓа Беличанец! Од мене, бескрајна почит и вечна слава! – кажа во своето обраќање градоначалникот Филип Темелковски.
-Биле за тебе никогаш повеќе во животот нема да зборуваме во минато за тебе секогаш ќе зборуваме во сегашност затоа што ти ќе бидеш секогаш овде и овде кај нас. Билјана, ние немаме друга Билјана Беличанец ти си една и единствена и таква и ќе останеш забележана во меморијата на сите нас затоа што си голем човек, чесен човек, искрен работник кој не бара ни пари, ни слава, ни награди, туку сака да го работи тоа што го работи. Четири години беше во оваа општина и знам дека многу направи за неа знам дека направи многу за македонскиот театар и затоа никогаш нема да те заборавиме и младите генерации ќе учат од тебе како е да се биде вистински професионалец на сцена. Билјана да знаеш дека сето она што го имаш направено ние што бевме од самите почетоци со тебе како генерација ќе го пренесуваме понатаму затоа што заслужуваш. Една и единствена Билјана Беличанец нема да се роди, ни актерка, ни човек . Ова овде е твое дело и пред да те испратиме од твојот и од нашиот драмски театар знам дека на сцената ти никогаш не глумеше туку ти живееше, живееше со сета душа, со сето срце, живееше за себе , за твоите партенери, за твоите партнерки и за твојата публика. Нека ти е вечна слава драга моја – кажа Дејан Лилиќ.
-Билјана беше нашата принцеза, ја паметам беше ведра, видра, многу вредна и многу наша, многу сакаше да учи, да пее, да зборува ноќе на телефон. Кога и честитав нова година и реков ајде годинава нова улога оти ни недостасуваш фалиш во македонскиот театар. Таа ми врати ова е најубавата честитка што некој можел да ми ја испрати. Таа беше нашето вечно девојче, девојчето со игриви очи со тажен поглед и со скриена насмевка, често пати разговаравме и ја прашував зошто и е потребно сето ова, таа ми рече имам само една идеја тоа е ова каде што сме сега тука да направам еден мал театар за да може да уживаат децата, да гледаат претстави децата. Зборовите денеска ќе поминат ние ќе го изразиме нашето сочуство, но има една работа која што треба сите да ја запаметиме колку почесто ја спомнуваме толку повеќе ќе живее Билјана во овој свет . Билјана беше храбар човек, Билјана беше достоинствен човек, Билјана беше човек. Бог да ја прости вечна и слава и да го негуваме споменот за неа – кажа познатата актерка, Весна Петрушевска.
-Драга наша Билјана, пријатели, колеги, зашто сум убеден дека Билјана беше посебна, беше единствена. Најмалку јас можам овде да говорам каков актер си била кога ќе кажам каков соработник и другар си била, се запознавме во 2012 година, срдечно те пречекавме со тим од млади луѓе и низ изминатите години успешно работевме, години кои секогаш ќе остават трага врз мене и секојпат ќе се сеќавам на тебе, ќе кажеше можеме ли ова да го направиме. Со огромна болка денес сме овде собрани на ова место КВК токму ова место во целост е нејзино дело, нејзино творештво кое го изгради и поткрена, како и безброј други дела кои успеа да ги реализира затоа што беше голем борец, искрен пријател, добар соработник, најголем другар. Засекогаш ќе останеш во нашите мисли, почивај во мир, биди меѓу ангелите зашто ти го заслужуваш тоа – кажа поранешниот претседател на Советот на Општина Кисела Вода, Трајче Донев.
На комеморацијата беа прочитани и телеграмите со сочуство од претседателот и премиерот на Република Северна Македонија, Ѓорге Иванов и Зоран Заев.
Билјана Беличанец беше позната македонска актерка и градоначалник на Општина Кисела Вода од 2013 до 2017 година.