Општина Кисела Вода, по добиено известување од страна на ЈП за железничка инфраструктура Железници на Република Македонија – Скопје, ги информира граѓаните дека во наредниот период ќе се одвиваат интензивни градежни активности за ремонт и модернизација на пругата на делницата Илинден – Драчево, Драчево – Скопје и Драчево – Зелениково.
Поради изведувањето на овие зафати, кои се од стратешко значење за железничкиот сообраќај, можни се повремени исклучувања на сигнализацијата на патните премини.
Имено, како што се вели во соопштението, со оглед на тоа дека на овие делници постојат повеќе патни премини, а во интерес на безбедноста на сите учесници во сообраќајот, додека се одвиваат градежните активности, особено е важно граѓаните да знаат дека можни се повремени исклучувања на сигнализацијата на патните премини, при што треба да внимаваат на личната безбедност при преминување на пругите. Особено внимателни треба да бидат и земјоделците, коишто ќе имаат зголемени земјоделски активности, а кои со својата механизација треба безбедно да ги користат патните премини.
Напоменуваме дека според сообраќајните прописи, доколку не функционира сигнализацијата на патниот премин, брзината на возот се намалува, возот застанува пред патниот премин и со звучна сигнализација го најавува неговото поминување преку патниот премин, а сите возила (патнички автомобили, автобуси, градежна или земјоделска механизација) имаат обврска да застанат.



