Со засадување на дрвја придонесуваме кон митигација на климатските промени и загадувањето на воздухот, заштита на биодиверзитетот и поддршка на нашите заедници и нивната благосостојба – беше клучната порака од денешниот настан за одбележување на Денот на планетата Земја кој се одржа во ООУ “Партениј Зографски” во општина Кисела Вода. Настанот е во организација на УНДП и УСАИД во партнерство со Министерството за животна средина и просторно планирање, Амбасадата на Шведска, Милиеуконтакт Македонија и Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство.
Во склад со овогодинешната тема на Светскиот Ден на Планетата Земја, чија цел е да мобилизира акции насекаде низ светот за засадување на приближно 8 милијарди дрвја до 2020 година – едно дрво за секој маж, жена и дете, во ова училиште беа засадени садници, се одржа еколошка ликовна изложба, предавање за климатските промени во Зелениот камион и интерактивна работилница за социјални иновации кои ги адресираат климатските промени.
Алесандро Фракасети, заменик постојан претставник на УНДП во Република Македонија, по засадувањето на дрвце во дворот на улилиштето истакна дека со денешната кампања за планетата земја се засадуваат дрвја за иднината. На целата планета, рече тој, ќе се засадат осум милиони дрва. Потенцира дека УНДП секогаш ќе дава поддршка за справување со климатските промени.
Фракасети потсети дека денеска 187 држави меѓу кои и Македонија ќе го потпишат договорот од Париз.
Теодора Грнчарова од Министерството за животна средина и просторно планирање порача дека само со заеднички акции е можно да се даде одговор на предизвиците како што се климатските промени. Секторот шумарство, рече таа, е најобработуван во сите национални извештаи.
– Тој е еден од секторите кој е апсорбер на стакленичките гасови, а од друга страна преку пожарите влијае врз емисиите на стакленички гасови, појасни Грнчарова и додаде дека со правилно насочување на овие два аспекта може да се адресираат климатските промени.