Трета сезона по ред општина Кисела Вода продолжува со реализацијата на проектот ”Слобода во вода” наменет за децата со посебни потреби од овој дел на градот. Истиот, кој е дел од Програмата за активности од областа на социјална заштита на општина Кисела Вода, преку спортски активности во вода на овие дечиња им овозможува подобрување на психофизичката состојба.
Тренерите-инструктори, секој петок, од 16 до 17 часот, на базенот ”Карпош”- Спортски центар ”Борис Трајковски”, индивидуално работат со дечињата со посебни потреби од општина Кисела Вода. Се работи за професори по физичка култура, поранешни активни спортисти со долгогодишно искуство во овој спорт, спасувачи на вода, сертифицирани физиотерапевти кои го знаат значењето на оваа терапија.
Користејќи ги методите на Halliwick програмата, тие, на дечињата кои имаат Даунов синдром, аутизам, церебрална парализа им овозможуваат зајакнување и активација на мускулите во водена средина, бидејќи истите на суво и во секојдневието не можат да ги користат заради нивната попреченост. Воедно, им се намалува хиперактивноста, им се зголемува концентрацијата и фокусот на вниманието, им се подига самодовербата, со што се подобрува и нивната социјализацијата во средината во која живеат.
Финансиските средства за проектот ”Слобода во вода” ги обезбедува опшина Кисела Вода. Истиот се реализира заедно со Здружението на граѓани за лица со дисфункции, хендикеп, ретки болести и посебни потреби ”Дајте ни крилја”.
Подетални информации сите заинтересирани родители можат да добијат на контакт телефонот 02/2785 462.