Нови урбани катчиња за одмор добија жителите на општина Кисела Вода.
На три локации, во населбата 11 Октомври-згради, поставени се летниковци со вградени клупи и масички кои на жителите на овој дел од градот ќе им понудат засолниште од летното сонце и простор каде ќе можат да се дружат и забавуваат.
На просторот помеѓу ул. “Ѓорѓи Сугаре“ и бул.„Борис Трајковски“, помеѓу ул.„Никола Добровиќ“ зграда бр.3 и бул.„Борис Трајковски” , до ул.„Народни Херои“ во близина на зграда бр.21 , фирмата Урбано ЕЛ ДООЕЛ, постави летниковци што имаат шестоаголна форма и површина од околу 14 квадратни метри.
Градежните активности беа обврска на фирмата Пелагонија АД Гостивар. Во насока на подобрување на естетскиот лик на просторот и разубавувањето на секојдневието на граѓаните кои живеат во близина или тука поминуваат дел од своето слободно време, на скверот помеѓу ул. „Трајко Иванов“ и бул.„Борис Трајковски“, општина Кисела Вода постави и локомотива со вагончиња со цветен аранжман.
За поставувањето на оваа урбана опрема, општина Кисела Вода, од својот буџет издвои околу 1 800 000 денари.