Градоначалникот на Општина Кисела Вода, Филип Темелковски изврши увид во активностите за подобрување на условите на учениците и вработените во ООУ ,,Партенија Зографски“.
На третиот спрат во училиштето се работи на целосна реконструкција на тоалетите. Во моментов, во нив се поставуваат нова водоводна инсталација и канализациска мрежа, нови чучавци и казанчиња, подни и ѕидни плочки.
Се работи и на адаптирање на нова училница која ќе биде целосно обложена со гипс картон. Во истата ќе се изработи нова електрична инсталација, ќе се постави ламинат, а старите дрвени прозорци ќе се заменат со нови. Една училница опремена е со нови 15 училишни клупи и 30 столчиња. Во тек е молерисување на влезниот хол, скаличниот простор и првиот спрат.
Со цел за подигнување на квалитетот на хигиената во просториите на училиштето, извршена е набавка на нова машина за чистење на под.
Покрај ова, во училишниот двор Општина Кисела Вода изработува детско игралиште кое предвидено е во временскиот период од 08:00 до 17:00 часот да го користат најмладите ученици, а од 17:00 до 21:00 часот да биде отворено за сите деца. Дворот збогатен е со нови садници украсен чемпрес. Во ООУ ,,Партенија Зографски“ новата учебна година настава ќе посетуваат 520 ученици.
Согласно заложбите на градоначалникот Филип Темелковски, Општина Кисела Вода продолжува да работи во насока на подобрување на условите во училиштата.