Денес, градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска, оствари средба со учениците од ДСУРЦ „Димитар Влахов“, деца со оштетен вид, кои освоија трето место на меѓународен турнир во гол-бол, подготвувани од Спортскиот клуб „Феникс“.
На средбата присуствуваа и директорката на училиштето, Александра Јаковчевска, како и нивниот наставник по физичко образование. Во искрена и опуштена атмосфера, учениците ја објаснија играта гол-бол, зборуваа за начинот на тренирање, за предизвиците со кои се соочуваат, но и за потребите што ги имаат како ученици и спортисти со слаб вид.
Градоначалничката Стаменкоска Трајкоска им честиташе за постигнатиот успех и најави проширување и унапредување на соработката меѓу Општина Кисела Вода и ДСУРЦ „Димитар Влахов“. Во таа насока, таа донираше тренерки за сите ученици од училиштето кои се дел од клубот што се натпреваруваше во гол-бол. Дополнително, најави дека во Програмата на Општината за 2026 година веќе е предвиден нов проект- воспоставување инклузивна лига во гол-бол, со плеј-оф завршница, во која ќе учествуваат ученици од ДСУРЦ „Димитар Влахов“, ученици од сите основни училишта во општината, како и спортисти.


-Овие деца се вистинска инспирација. Искрено им честитам за успехот и им благодарам што ни покажаа што значат посветеноста, тимскиот дух и љубовта кон спортот. Општина Кисела Вода останува силен поддржувач на ДСУРЦ „Димитар Влахов“ и нашата соработка ќе се проширува. Како новитет, во 2026 година воведуваме инклузивна лига во гол-бол, каде заедно ќе се натпреваруваат ученици со и без попреченост. Тоа е вистинскиот пат кон инклузивност, еднакви шанси за сите и намалување на маргинализацијата на лицата со слаб вид. Како градоначалник, ќе продолжам да вложувам во програми и проекти што градат општество во кое секое дете има простор да напредува и да успее – изјави градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска.


\



