Матурантите од општина Кисела Вода полесно ќе стигнат до својата прва возачка дозвола благодарение на проектот за финансиска поддршка кој го реализира локалната самоуправа. Со цел да се покрие дел од трошоците за теоретска и практична обука за полагање за возачка дозвола од Б категорија, секој одобрен апликант од генерацијата 2026 година ќе добие субвенција во висина од 10.000 денари. За оваа намена, општината има обезбедено вкупен буџет од 1.500.000 денари.
-Со овој проект сакаме директно да им помогнеме на матурантите во нивното осамостојување. Доделуваме субвенција од 10.000 денари, со што верувам дека значително ќе го олесниме семејниот буџет на нивните родители. Ги повикувам сите матуранти кои ги исполнуваат условите да аплицираат што побрзо, бидејќи доделувањето ќе се одвива по принципот “прв дојден – прв услужен”, сè до исцрпување на вкупните средства. Ова е само една од низата мерки со кои докажуваме дека сме вистински партнер на младите- изјави градоначалничката Стаменкоска Трајкоска.
Право на користење на оваа финансиска помош имаат сите жители на општина Кисела Вода кои во моментов ја следат последната година од средното образование и се матуранти во 2026 година. Главен услов за добивање на средствата е процесот на уплата и следење на обуката во некоја од лиценцираните авто школи да биде започнат заклучно од први јануари 2026 година.
Целосната документација се поднесува во затворен плик преку општинската архива, која прецизно ќе го евидентира времето на прием заради запазување на редоследот на апликантите. Сета дополнителна потребна документација и информации поврзани со јавниот повик се достапни на општинската веб-страница на следниот линк:
- https://opstinakiselavoda.gov.mk/%d0%be%d0%b1%d1%98%d0%b0%d0%b2%d0%b8/
Јавниот повик ќе остане отворен сè до целосното исцрпување на предвидените финансиски средства, а за евентуални дополнителни прашања граѓаните можат да се обратат и на телефонскиот број 02 2785-427.



