Search
Close this search box.

Ученици од општините: Кисела Вода, Гази Баба, Чаир и Ѓорче Петров изградија мостови на пријателство

Денеска во рамки на мултиетничкиот проект „Сите сме заедно“ во Домот на АРМ, во Скопје се одржа завршен настан на кој ученици од општините: Кисела Вода, Гази Баба, Чаир и Ѓорче Петров пред присутните се претставија со повеќе музички точки на македонски и албански јазик.

Проектот кој се реализираше со поддршка од Општина Кисела Вода, Фондот „Градиме мостови“ и Мисијата на ОБСЕ поврза многу ученици од различна етничка и верска припадност. Изминатиов период децата имаа можност преку активностите кои се одвиваа во нивните училишта и надвор од нив да стекнат нови пријателства, подобро да се запознаат, а преку дружбите научија и нешто повеќе за различностите кои се најголемото богатство на нашата држава. Тие дебатираа, креираа колективни игри и зборуваа за заштита и зачувување на животната средина. Учениците со помош на познатиот продуцент Плеурат Гаши компонираа заедничка песна на македонски и албански јазик, насловена: „Сите сме заедно“. 

„Големо е моето задоволство што денес, заеднички со сите вас, сме дел од заокружувањето на проект чија цел е зголемување на мултиетничката почит и соработка помеѓу младите, како едно од оснoвните начела на модерна Европа кон која се стремиме. Секој поединец треба да знае дека мора да даде свој придонес, а институциите и на локално и на централно ниво се оние кои треба да ја подигнат свеста и да го трасираат патот кон јакнењето на социјалната доверба и развојната перспектива на средината во која живеме. Општина Кисела Вода имаше чест да биде дел од проектот насловен „Сите сме заедно“, поддржан од фондот „Градиме мостови“. Истиот е отпочнат од нашето Министерство за образование и наука, Владата на Швајцарија и Мисијата на ОБСЕ во Скопје, за подоцна да биде поддржан и од Владите на Ирска и Австрија. Сега, активни поддржувачи на Фондот се и Амбасадата на Кралството Холандија, Владите на Соединетите Американски Држави, Италија и Словачка, како и Мисијата на ОБСЕ во Скопје, а во работата на Фондот е вклучено и нашето Министерство за труд и социјална политика. Преку Основното училиште Кузман Јосифовски Питу и проектот  СИТЕ СМЕ ЗАЕДНО, Општина Кисела Вода имаше можност да даде значаен придонес во надминување на предрасудите кои постојат во општеството кога се во прашање различните етнички заедници, и постигнувањето меѓуетничка интеграција со граѓански ангажман на учениците од основните училишта.Поради тоа искажуваме благодарност до Основното училиште Лирија и Општина Чаир, Основното училиште 25 Мај и Општина Гази Баба и Основното училиште Јоаким Крчовски и Општина Ѓорче Петров, за одличната соработка и нивниот придонес во проектот. Општина Кисела Вода нема да престане да ги гради мостовите меѓу различните етнички, верски и културни заедници. Јакнењето на заедништвотo, не само во училиштата, туку во сите општествени сфери ќе биде и натаму наш приоритет. Затоа и уште еднаш им благодарам на иницијаторите на проектот за можноста преку овој проект да го потврдиме тоа“ – истакна Филип Темелковски, градоначалник на Општина Кисела Вода

„Навистина сум среќен што сум овде на овој настан поддржан од Фондот „Градиме мостови“ кој ги соединува учениците од четири училишта од различни општини со цел да создадат нови контакти и да изградат нови пријателства со деца кои учат на различни јазици. Ние во ОБСЕ веруваме дека поврзувањето  на учениците од различни заедници е од голема важност. Тоа помага да се создаде покохезивно опшество и да ги подготви младите луѓе од сите етнички заедници во земјата за нивната иднина во интегрирана, но разновидна Европа. Затоа, ние продолжуваме да го поддржуваме Фондот „Градиме мостови“ заедно со Министерството за образование и наука и преку нашата соработка со Министерството за труд и социјална политика. Би сакал да Ви се заблагодарам Вам учениците затоа што си подадовте рака и за тоа  што градите мостови кои ќе ја обликуваат иднината на оваа прекрасна земја. Во исто време, им честитам на наставниците за работата и нивниот ангажман и посветеност во постигнувањето на ваква важна цел. Се надевам дека ќе го надоградите ова искуство и ќе продолжите да градите мостови кои ќе ја направат оваа земја посилна и попросперитетна- ние ќе продолжиме да Ве поддржуваме во овие потфати“ – кажа во своето обраќање Клеменс Која, амбасадор на Мисијата на ОБСЕ

Дел од учениците учесници во проектот кажаа дека научија:

-Научив да пеам на друг јазик и дека тоа воопшто не ми беше пречка за мојата интерпретација – Стефан

-Научив да дебатирам, да сослушувам, но најважно од се, да другарувам со другарчиња од друга вероисповед – Стефанија

-Научив дека толертанцијата е најважниот дел од животот и дека не си вистински човек без неа – Јован

-Многу научив за пријателството и дебатирањето-Зога

-Научив дека јазикот не е пречка за добро пријателство-Рефик

-Доживеав многу убави работи-Акса

Координаторка на проектот „Сите сме заедно“ беше Злата Анчевска, психолог во ООУ „Кузман Јосифовски – Питу“ од Кисела Вода.

 

 

 

 

Споделете:

Scroll to Top