Search
Close this search box.

Ѓорѓиевски: “Славија” ќе биде современ спортски комплекс

Жителите на населбата Пржино ќе добијат модерен спортски центар на местото од поранешното спортско игралиште “Славија”.

 

Градоначалникот Ѓорѓиевски денес присуствуваше на почетните градежни зафати на оваа локација со површина од 1350 квадратни метри, каде ќе се изведуваат тениско, фудбалско и кошаркарско игралиште, по најсовремени стандарди.

Просторот кој во моментов е запуштен и неугледен, ќе биде и ограден и осветлен, а ќе се постави и урбана опрема.

-Денес започнуваме со изведба на проект кој ќе има огромно значење за жителите на населбата Пржино, посебно за оние кои се љубители на спортот и рекреацијата. На ова место кое е доста запуштено и сиромашно во поглед на спортски реквизити, ќе бидат изградени и ставени во функција тениско игралиште со лиена подлога, изработено согласно високи меѓународни стандарди, кошаркарско игралиште кои исто така, согласно сите стандарди ќе биде изработено со лиан подлога, како и ново фудбалско игралиште со вештачка трева. Секако, ќе поставиме и урбана опрема, просторот кој зафаќа површина од 1350 квадрати ќе биде ограден и осветлен, па се надеваме дека истиот ќе прерасне во вистинско модерно збиралиште за сите љубители на спортот и место каде ќе се бележат спортски успеси и ќе се раѓаат нови спортски таленти. Ова е втор ваков обемен проект кој Општина Кисела Вода го работи во овој релативно кус период и кој е во насока на враќање на стариот сјај на некогашните култни спортски локалитети. Пред само еден месец, ги завршивме градежните актвности во селото Драчево, во местото викано Оксиген кое порано било популарна спортска локација оставена да прерасне во депонија, а сега е модерен спортско-рекреативен центар со бројни содржини кој доби и ново име ”Tеодор Стојановски Тоше”-изјави градоначалникот Ѓорѓиевски.

Изведбата на новиот современ спортско-рекретивен центар “Славија” во населбата Пржино треба да заврши за околу 2 месеци, во согласност со временските услови.

Споделете:

Scroll to Top