Општина Кисела Вода ги повикува сите заинтересирани жители од ова подрачје кои се работоспособни и имаат над 15 години, да аплицираат за курсевите за неформално образование кои општината ќе ги организира во соработка со Владата на Република Македонија и Центарот за образование на возрасни.
Имено, во периодот што следува, се до 20 февруари, заинтересираните кандидати би требало да пријават во месните и урбаните заедници низ општина Кисела Вода или на едношатерскиот систем во објектот на општината, за какви типови на обуки се заинтересирани. По дефинирањето на областите за кои постои најголем интерес, би започнало спроведувањето на курсевите кои на кандидатите би им овозможиле доквалификација и преквалификација, односно подобро снаоѓање на пазарот на трудот. Курсевите ќе се изведуваат со одреден финансиски надомест, а по завршувањето на истите, граѓаните ќе бидат сертифицирани.