Течат градежните активности за изградба на атмосферска канализација на улицата “Боро Камчевски” во населбата Бирарија. Денес, градоначалникот на општина Кисела Вода Билјана Беличанец-Алексиќ изврши увид во работата на фирмата ДГТУ “АДРА ДООЕЛ” од Скопје која од пред три седмици интензивно работи на терен.
Се поставуваат полипроппиленски цевки во должина од 194 метри, а ќе се постават и сливници. По завршување на монтажните работи улицата ќе биде поплочена со бехатон плочки.
Динамиката со која течат активностите е задоволителна и доколку временските услови тоа го дозволат, за околу еден месец, може да се очекува проблемот со одведување на атмосферските води од овој дел на општината да стане минато. Бенефитот директно ќе го почувствуваат околу 400 жители кои живеат во близина.
За изведба на атмосферската канализација на улицата “Боро Камчевски”, општина Кисела Вода од својот буџет издвои 2700 000денари.
За време на увидот на терен, градоначалникот Беличанец-Алексиќ, поразговара и со жителите од овој дел од општината кои ги поздравија ваквите активности и посочија што за локалното население ќе значи поставувањето на атмосферска канализација.
Тие укажаа на своите потреби и барања што ги имаат од општината, за што добија и конкретни одговори од градоначалникот кој информираше околу можноста да им се излезе во пресрет и да им се подобри квалитетот на живеењето, секако, согласно реалните можности на општината.
Дополнително, им најави дека наскоро, во истата населба во општина Кисела Вода, започнува изградба на атмосферска канализација и на улицата “Фредерик Шопен”, во должина од 353 метри. Овој градежен зафат, општината ќе го финансира со околу 5 милиони денари.