На иницијатива на градоначалникот Ѓорѓиевски, денес се одржа Божикен појадок за стопанствениците од општина Кисела Вода. Бизнис заедницата е една од најважните алки во напредокот на локалната заедница бидејќи ја детерминира одржливоста и перспективата на локалниот економски развој, кој пак, е клучен во унапредувањето на стандардот на нашите жители, истакна градоначалникот во своето обраќање пред присутните.
Нагласи дека Општина Кисела Вода веќе цела година промовира нови политики на делување кои се во насока на подобрување на деловната клима и дека дијалогот помеѓу бизнис заедницата и локалната самоуправа е значаен дел од тој процес.
Лоцирањето на Кисела Вода на мапата на успешни општини значи силен придонес за целокупната домашната економија, значи намалување на невработеноста и повисок животен стандард за сите, потенцираше градоначалникот Ѓорѓиевски.
-Добрата деловна клима е предуслов за креирање на достоинствени и квалитетни работни места, за поттикнување на иновативноста и зголемување на продуктивноста. Оттука, значењето на добрата комуникација помеѓу локалната самоуправа и претприемништвото, како сектор, добива уште поголема важност. На средбите како денешната ќе размениме мислења и идеи од кои, се надевам, ќе произлезат предлози за подобрување на најразлични мерки во областите кои се од интерес на бизнис заедницата. Сево ова, низ призмата на тековните предизвици и објективните состојби поврзани со деловната клима. Општина Кисела Вода, од своја страна веќе цела година промовира нови политики на делување, преку промовирање на транспарентна работа, доследно и прецизно почитување на законите и нула толеранција за корупција и криминално дејствување.
Создаваме деловно опкружување во кое ќе се воспостави поголем степен на доверба во институциите на системот, креираме конкурентно опкружување кое го дополнуваме со намалување на адинистративните бариери, со скратување на времето на административните процедури, што најмногу ќе се почувствува по целосната дигитализација на Општината чија имплементација веќе ја отпочнавме. Паралелно, деловната клима во Кисела Вода ја унапредуваме и преку зголемена соработка со вас, како бизнис заедница која преку своите деловни активности во пракса ги согледува добрите страни и евентуалните пропусти. Воедно, сметам дека постоењето на комуникација помеѓу бизнис секторот претставува извор на нови перспективи, размена на работни стратегии и креативни идеи кои на секоја компанија можат многу да и помогнат во нејзиниот професионален развој. Сево ова, може, треба и мора да биде заеднички интерес и цел-истакна градоначалникот Ѓорѓиевски.