Search
Close this search box.

Два значајни јубилеја за ОУ„Св. Климент Охридски“ од селото Драчево

Под мотото „Низ страниците на стариот дневник“, ОУ„Св. Климент Охридски“ од селото Драчево, ги прослави двата големи јубилеја- 90 години од постоење и 70 години од воведувањето на настава на македонски јазик.

Директорот Татјана Каранфиловска, во своето емотивно излагање пред бројните гости, навраќајќи се на моментите кога на ова исто место се славеле јубилеите и годишнините, се потсети на времињата кога и таа самата била ученик во ова училиште.

-И денес, како и тогаш, ја чувствувам возбудата околу подготовките, посветеноста на овие драги луѓе кои се тука со нас денес  во првите редови, поранешни наши наставници, кои денес заслужено уживаат во своите пензионерски  денови, и на уште многу други кои од оправдани причини не се со нас-истакна Каранфиловска, посочувајќи дека да се биде претходно ученик, а сега директор на ова училиште, за неа е огромно задоволство, но и голема одговорност.

-И јас, како директор,  и целиот наставен кадар кој работи во училиштето, чувствуваме голема обврска да се потрудиме, да оставиме белег со нашето работење, бидејќи ја работиме најблагородната професија-ги поставуваме темелите врз кои се гради една здрава личност, покажувајќи и го и водејќи ја по патот на созревањето-изјави таа.

Дека во тоа успеваат се доказ бројните награди кои стојат во биографијата на ова училиште. Имено, “Св. Климент Охридски” од село Драчево, е троен добитник на 13 Ноемвриската награда. Годинава беше прогласено за најбезбедно и најчисто училиште на ниво на Република Македонија и истото се стекна со највисокотo еколошко признание ЗЕЛЕНО ЗНАМЕ, со што се вброи во 29-те ЕКО основни училишта во државата и беше запишано на светската мапа на еко-училишта.

На свечената приредба на која присуствуваше Претседателот на Советот на општина Кисела Вода Трајче Донев и пратеникот Светлана Јакимовска, директорката, се заблагодари на општина Кисела Вода, на Советот на општината и на градоначалникот Билјана Беличанец Алексиќ за поддршката и континуираните залагања за обезбедување на подобри услови за настава за учениците. Имено, општина Кисела Вода, со цел да се овозможи непречено одвивање на наставата и развојот на училишниот спорт, со сопствена инвестиција, постави нов кров на училишната спортска сала, кој беше во исклучително незавидна состојба, а потоа и Агенцијата за млади и спорт, во дворот на училиштето отвори повеќенаменско игралиште.

Беа доделени плакети и благодарници на поранешните директори, ученици и заслужни институции, беше емитуван документарен филм за училиштето, свое учество зедоа и учениците со ритмичка точка, хорот и оркестарот и КУД „Китка“, а свеченоста беше заокружена со заедничка песна на вработените и учениците.

Во ОУ„Св. Климент Охридски“ од селото Драчево , во оваа учебна година, настава посетуваат 498 ученици од I до IX одделение, распоредени во 22 паралелки.

 

Споделете:

Scroll to Top