Search
Close this search box.

Деловник на советот

Врз основа на член 36 став 1 точка 1 од Законот за локална самоуправа (Службен весник на Република Македонија бр. 5/02), и член 24, точка 2 од Статутот на Општина Кисела Вода (Службен гласник на Град Скопје бр. 13/02), Советот на Општина Кисела Вода на 7-мата седницата одржана на  14.07.2005 година, донесе

Д Е Л О В Н И К 
на Советот на Општина Кисела Вода

 

1. ОПШТИ ОДРЕДБИ

Член 1

Со овој Деловник се уредуваат организацијата и функционирањето на Советот на Општина Кисела Вода (во понатамошниот текст -Советот) и на работните тела на Советот и тоа:
– Конституирање на Советот;
– Права и должности на членовите на Советот;
– Права и должности на претседателот на Советот;
– Избор и именување, оставка и разрешување на претседателот;
– Начинот на работа на Советот;
– Начин на работа на работните тела на Советот;
– Односите на Советот со Градоначалникот и другите органи на општината;
– Соработка на Советот со подрачните единици на Министерствата и другите органи на државната управа;
– Програмирање на работата на Советот;
– Јавност во работата на Советот и 
– Други прашања, кои се однесуваат на организацијата и работата на Советот.

 

Член 2

Советот е во постојано заседание.
Советот работи на седници.
Седниците на Советот се свикуваат по потреба, но најмалку еднаш на три месеци.
Летниот одмор на Советот трае од 15 јули до 31 август. Ако се појави неодложна потреба, претседателот на Советот, може и за време на летниот одмор, да свика седница на Советот.
Седниците на Советот се јавни.
Советот може да одлучи јавноста да биде исклучена.

 

Член 3

Во работата на Советот службен јазик е македонскиот јазик и неговото кирилично писмо.
На покана на Градоначалникот или претседателот на Советот, гости и странски државјани, можат да им се обратат на членовите на Советот на Општината Кисела Вода.
Обраќањето на гости од странство, на странски јазик, се преведува на македонски јазик.

 

Член 4

Општина има печат, со тркалезна форма, со пречник од 3 см, во чија средина се наоѓа грбот на Општината и на чии рабови е испишано “Република Македонија-Општина Кисела Вода”.
Печатот што го употребува Советот на Општината, во вториот ред има натпис “Совет на Општина Кисела Вода”.
Печатот, што го употребува општинската администрација, во вториот ред има натпис- општинска администрација.

 

Член 5

Одредбите од овој Деловник соодветно се применуваат и во работата на Советот, во случај на вонредна состојба, ако со овој Деловник или со друг општ акт, не е поинаку уредено.

Одредбите од овој Деловник ги применува и општинската администрација.

 

2. КОНСТИТУИРАЊЕ НА СОВЕТОТ

 

2.1 Конститутивна седница

 

Член 6

Првата седница на новоизбраниот Совет ја свикува претседателот на Советот од претходниот состав, најдоцна во рок од 20 дена од денот на завршувањето на изборите.
Ако Советот не се свика во рок од став 1 на овој член, членовите на Советот сами се состануваат и под претседавање на најстариот член на Советот го конституираат Советот во рок од 10 дена по истекот на рокот од ставот 1 на овој член.
Ако седницата не се одржи во рок од ставот 2 на овој член, ќе се распишат нови избори за членовите на Советот, на начин утврден со Закон.

 

Член 7

Со конститутивната седница до изборот на претседател на Советот, раководи најстариот присутен член на Советот.

 

2.2 Верификација на мандатот на членовите на Советот

 

Член 8

Мандатот на членовите на Советот го верификува Советот на конститутивната седница, врз основа на Извештајот, со предлог за верификација од Верификационата комисија.

 

Член 9

Претседателот и членовите на Верификационата комисија, ги избира Советот по предлог на советничките групи со мнозинство гласови од вкупниот број на членови на Советот, со тоа што кандидат за претседател на Верификационата комисија предлагаат советничките групи кои имаат најголем број членови во Советот.
Верификационата комисија, врз основа на известување на Општинската изборна комисија, доставените уверенија од страна на членовите на Советот за нивниот избор и утврдување на нивниот идентитет, поднесува Извештај со Предлог за верификација.

 

Член 10

Извештајот и предлогот на Верификационата комисија, Советот на Општината ги разгледува во целина.
Ако Верификационата комисија, по утврдувањето на идентитетот на членовите на Советот, утврди определени несогласувања на доставените уверенија од страна на членовите на Советот со известувањето на Општинската изборна комисија, на Советот му предлага да ја одложи верификацијата на спорниот мандат.
За секој таков предлог се гласа поединечно.

 

Член 11

Членот на Советот чија верификацијата на мандатот е одложена, има право да присуствува на седница на Советот и да учествува во работата, но без право на одлучување.

 

Член 12

Верификацијата на мандатот на членовите на Советот, избрани на повторни избори, на избор за замена, или дојдени како наредни кандидати, од листата на местото на избраниот кандидат кој се откажал, Советот ја врши на првата наредна седница на предлог на Комисијата за мандатни прашања, избори, именувања и разрешувања.

 

Член 13

Советот е конституиран ако се верификувани мандатите на повеќе од половината од вкупниот број на членови на Советот.

 

Член 14

Со верификација на мандатот, членот на Советот се стекнува со права и должности утврдени со Закон, со Статут и со овој Деловник.

 

Член 15

Членовите на Советот и Претседателот полагаат и потпишуваат свечена изјава, која гласи:
“Јас (име и презиме) свечено изјавувам дека правата и должностите на член во Советот ќе ги вршам совесно и дека при нивното вршење ќе ги почитувам Уставот, Законот, прописите на Советот, и дека ќе го штитам уставниот поредок на Република Македонија”.
Членот на Советот на кого му е потврден (верифициран) мандатот, ако не бил присутен на првата седница, текстот на Свечената изјава ќе го потпише пред Претседателот на Советот, кој за тоа го известува Советот на првата наредна Седница.

 

2.3 Избор на Претседател на Советот

 

Член 16

Претседателот на Советот се избира од редот на членовите на Советот, со мандат од четири години.
Кандидатот за претседател на Советот го предлага Комисијата за мандатни прашања, избори, именувања и разрешувања.

 

2.4 Избор на Комисија за мандатни прашања, избори, именувања и разрешувања

 

Член 17

На првата Седница на Советот се избира Комисија за мандатни прашања, избори, именувања и разрешувања, составена од претседател и 6 члена, кои се избираат на предлог на советничките групи.
Комисијата се избира со мнозинство гласови од вкупниот број на членови на Советот.
Предлогот за членови на Комисијата, содржи онолку кандидати, колку се избираат членови во Комисијата.

 

Член 18

Претседателот на Советот се избира со јавно гласање, доколку Советот не одлучи гласањето да биде тајно.
Ако има повеќе предлози, за секој предлог се гласа поединечно по редослед утврден по азбучен ред на презимињата на кандидатите.

 

Член 19

Со гласањето за избор на Претседател на Советот, раководи најстариот член на Советот.
Ако гласањето е тајно, на членот на Советот кој раководи со седницата, во изборот му помагаат тројца членови кои ќе ги определи Советот.

 

Член 20

Ако за претседател на Советот е предложен еден кандидат, кандидатот се смета за избран ако добил мнозинство гласови од вкупниот број членови на Советот.
Ако кандидатот не го добие потребното мнозинство гласови, постапката за избор на Претседател на Совет се повторува со нов предлог.

 

Член 21

Ако за Претседател на Советот се предложени повеќе кандидати, за избран се смета оној кандидат кој добил мнозинство гласови од вкупниот број членови на Советот.
Доколку во првиот круг никој од кандидатите за Претседател не добил потребен број на гласови, се пристапува кон втор круг на гласање за двајцата кандидати, кои во првиот круг добиле најголем број на гласови.
За претседател е избран членот на Советот кој во вториот круг на гласање добил повеќе гласови.

 

Член 22

По изборот на Претседател, членот на Советот кој раководи со Седницата, го напушта претседавачкото место, а со Седницата продолжува да раководи избраниот Претседател на Советот.

 

3. ПРАВА И ДОЛЖНОСТИ НА ЧЛЕНОВИТЕ НА СОВЕТОТ

 

3.1 Присуство на седница на Советот

 

Член 23

Членот на Советот има право и должност да присуствува на седниците на Советот и неговите работни тела, чиј член е, и да учествува во работата и во одлучувањето.

 

Член 24

Членот на Советот кој е спречен да присуствува на седницата на Советот, должен е за спреченоста да го извести претседателот на Советот.

 

Член 25

За присуството на членовите на Советот на седниците, се води евиденционен лист.
Евиденциониот лист за присуство на членовите на советот на седниците, го води стручна служба на Советот, врз основа на листа на присутни, која ја пополнува секој советник пред почетокот на седницата.

 

3.2 Давање иницијативи, предлози и поставување прашања до Градоначалникот на Општината

 

Член 26

Членот на Советот има право и должност да покренува иницијативи за разрешување на некои актуелни состојби од надлежност на Општината, да поднесува предлози до Советот за расправа и одлучување, и да поставува прашања на Градоначалникот.

 

Член 27

Иницијативата може да се покрене усно или писмено, до надлежните органи во Општината, до претседателот на Советот и до Градоначалникот.

 

Член 28

Предлози можат да се поднесуваат усно на седница на Советот или писмено, меѓу две седници, до претседателот на Советот, и тоа:
– за донесување општи акти, одлуки, заклучоци, решенија или препораки;
– за претресување на состојби и појави од делокруг на Советот;
– за претресување на прашања кои се однесуваат на работата на општинските административни и управни органи;
– за претресување на општи прашања, кои се однесуваат на дејноста и работата на јавните служби, кои извршуваат работи од јавен интерес;
– за спроведување анкета за прашања од делокругот на Советот, и
– за други прашања од делокругот на работата на Советот.

 

Член 29

Поставувањето на прашања до Градоначалникот може да се врши усно на седница на Советот или писмено, меѓу две седници, до Градоначалникот.

 

Член 30

Членот на Советот има право на седница на Советот да поставува прашања на Градоначалникот, раководителите на општинската администрација, за работите од нивна надлежност. 
Членот на Советот прашањето на седницата го поставува усно, а доколку не е присутен Градоначалникот, истото писмено му се доставува, преку претседателот на Советот.
 Прашањето треба да биде кратко и прецизно, и несмее да се впушта во расправа за содржината на која се однесува.

 

Член 31

На усно поставеното прашање, Градоначалникот одговорот го дава на седницата на која е поставено прашањето.
 Ако Градоначалникот изјави дека не е во можност да даде одговор на таа седница, должен е одговорот да го даде на следната седница на Советот.
 По овластување на Градоначалникот, одговор на поставеното прашање можат да дадат раководителите на општинската администрација.
 Членот на Советот може да побара на прашањето кое го поставил да му се одговори писмено.
 Писмениот одговор се дава најдоцна 15 дена од денот на приемот на прашањето и му се доставува на подносителот на прашањето.
 Членот на Советот кој го поставил прашањето, по добиениот одговор, има право да постави дополнително прашање.
3.3 Право на надоместоци

 

Член 32

Членовите на Советот имаат право на надоместок за присуство на седници и надоместок на патните и дневните трошоци, согласно Закон.
Членовите на Советот имаат право на надоместок и на трошоци направени во извршувањето на задачите кои им ги доверил Советот.
Висината на патните и дневните трошоци и на трошоците направени во извршување на задачите доверени од Советот, се определува со посебна Одлука на Советот, по предлог на Комисијата за мандатни прашања, избори, именувања и разрешувања.

 

3.4 Право на обезбедување услови за вршење на функцијата член на Советот

 

Член 33

Членот на Советот има право да биде информиран за работата на Советот и за работата на работните тела на Советот.
Членот на Советот има право во врска со извршувањето на својата функција да бара и да добие стручна помош од управните и административните органи на Општината по прашања од надлежност на Советот.
Членот на Советот има право преку Советот, односно преку соодветното работно тело, да бара податоци од јавните служби и установи кои ги основа Советот, а кои му се потребни за извршување на функцијата член на Советот.

 

3.5 Обврски за чување на тајна

 

Член 34

Членот на Советот е должен да ја чува државната, службената и деловната тајна.
Како тајна се смета секој спис или податок, кој ќе биде означен со ознака “Доверливо” од страна на подносителот.
Како тајна се сметаат и податоци кои членот на Советот ќе ги дознае на седница, во врска со прашањата  за кои на седницата се расправа без присуство на јавноста.
Членот на Советот е одговорен за повреда на тајната, согласно Законот.
Начинот на чување и ракување со материјалите кои се сметаат за доверливи, се утврдува со акт на Советот.

 

3.5 Престанок и одземање на мандатот

 

Член 35

Мандатот на член на Советот му престанува или може да му биде одземен само во случаите утврдени со Закон.

 

Член 36

Претседателот на Советот е должен да го стави на дневен ред на првата наредна седница на Советот, и тоа за секој случај кој со себе повлекува престанок на мандатот на член на Советот врз основа на образложен предлог.

 

Член 37

Ако член на Советот поднесе оставка, истата писмено ја доставува до претседателот на Советот, а може и да ја образложи на седница на Советот.
Оставката може да се повлече до почетокот на седницата на која се констатира престанок на мандатот.

 

Член 38

На членот на Советот му престанува мандатот пред истекот на времето за кое е избран, и тоа:
– во случај на смрт;
– ако е осуден со правосилна пресуда за кривично дело на казна затвор во траење од над 6 месеци;
– ако настапи случај на неспојливост на функцијата член на Советот, согласно Закон;
– ако со правосилно решение биде лишен од деловна способност;
– ако престане да биде жител на Општината.
Советот на првата наредна седница ќе ја констатира причината и денот на престанување на мандатот на членот на Советот, и тоа:
– во случаите од став 1, алинеа 1, 2, 3, 4 и 5, со денот на исполнувањето на условот.
На членот на Советот може да му се одземе мандатот, ако неоправдано отсуствува од три седници на Советот по ред.
За оправданоста на отсуството одлучува Советот со мнозинство гласови од вкупниот број членови на Советот.

 

4. ПРАВА И ДОЛЖНОСТИ НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА СОВЕТОТ

 

Член 39

Претседателот на Советот:

– се грижи за организацијата и работата на Советот;
– се грижи за примена на Деловникот на Советот и дава појаснувања во врска со неговата примена;
– се грижи за остварување на правата на членовите на Советот и за обезбедување услови за нивна работа и информирање;
– се грижи за спроведување на начелото на јавноста во работата на Советот;
– ги потпишува одлуките и актите на Советот, и во рок од 3 дена од денот на нивното донесување ги доставува на Градоначалникот, заради објавување;
– врши и други работи утврдени со Закон, Статут на општината и овој Деловник.

 

Член 40

 Претседателот на Советот ги свикува седниците на Советот, и е должен да:
– ја отвори, раководи и заклучи седницата;
– да ги води и заклучува расправите на седницата на Советот;
– да одржува ред на седницата;
– да ги најавува дискутанитите;
– да ги става прашањата и предлозите на гласање;
– да ги огласува резултатите од гласањето.

 

5. ПОСЕБНИ ОДРЕДБИ ЗА ИЗБОР, ИМЕНУВАЊЕ, ОСТАВКА И РАЗРЕШУВАЊЕ

 

5.1 Избор на работни тела на Советот

 

Член 41

Постојните работни тела на Советот, нивниот број, составот и надлежностите се утврдени со Статутот на Општината.
Повремените работни тела се основаат со одлука на Советот со која се утврдува бројот, составот и задачите на повремените работни тела.

 

Член 42

Претседателот и членовите на работните тела ги избира Советот.
Предлогот за состав на работното тело го утврдува Комисијата за мандатни прашања, избори, именувања и разрешувања.
Предлогот за избор содржи онолку кандидати, колку што се избираат членови на работното тело.

 

5.2 Именувања и разрешувања во органите на јавните служби кои ги основа Советот

 

Член 43

Советот на Општината именува и разрешува членови во управните одбори на јавните служби.
Предлогот за именување членови во управните одбори на јавните служби го поднесува Комисијата за мандатни прашања, избори и именувања.
Ако на предлог на Комисијата за мандатни прашања, избори и именувања, Советот не именува, односно не разреши членови во управниот одбор на јавна служба, установа и претпријатие, тогаш Советот донесува заклучок со кој и определува рок од 15 дена на Комисијата, да поднесе нов предлог.
Именувањето и разрешувањето на членовите во управните одбори, се врши со мнозинство гласови од присутните членови, но не помалку од една половина (1/2) од вкупниот број на членови на Советот.
Одлуката за именување и разрешување стапува во сила 8 дена по објавувањето во Службеното гласило на Општината.
 
Член 44

Советот на Општината го избира лицето кое раководи со подрачната единица на Министерството за внатрешни работи во Општината, во согласност со закон.
Раководното лице од став 1 на овој член е избрано ако за него гласале мнозинство од сите совети на општините кои ги опфаќа подрачната единица на Министерството за внатрешни работи.

 

5.2 Оставка во органите на јавните служби кои ги основа Советот

 

Член 45

Секое лице кое го избира или именува Советот има право да поднесе оставка и истата може да ја образложи на Седницата на Советот.
Советот на првата наредна седница без претрес, констатира дека на носителот на функцијата му престанува мандатот од денот на поднесувањето на оставката.
За оставката може да се отвори претрес.
Ако Советот во претресот по оставката констатира дека постојат причини за утврдување на одговорност, ќе спроведе постапка за разрешување согласно законот и овој Деловник.

 

5.3 Постапка за разрешување во органите на јавните служби кои ги основа Советот

 

Член 46

Одредбите на овој Деловник кои се однесуваат на постапката за избор соодветно се применуваат и во постапката за разрешување, доколку не е поинаку утврдено со закон, Статут и овој Деловник.

 

6. НАЧИН НА РАБОТА НА СОВЕТОТ

 

6.1 Координативно тело

 

Член 47

Како метод на работа на советот се востановува посебно координативно тело составено од претседателот на Советот и по еден член на Советот од партиите застапени во Советот.
Во работата на координативното тело рамноправно учествува Градоначалникот.

 

Член 48

Координативното тело: 
1. Предлага динамика на седниците на Советот, во зависност од значењето, природата и времето на поднесување на предлозите на акти и други материјали;
2. Предлага дневен ред и времено одржување на седниците на Советот;
3. Дава иницијатива на Советот и неговите работни тела за претресувања на прашања од нивна надлежност, од значење за Општината;
4. Дава иницијатива и се грижи за обезбедување на соработка на Советот на општината со Заедницата на Единиците на Локалната Самоуправа на Република Македонија, со јавните служби, установи и претпријатија основани од општината и со други органи, организации и заедници.
5. Иницира учество на Советот во одбележувањето на прослави и настани што се од значење за општината и за таа цел определува свои претставници и дава иницијативи за преземање покровителство од страна на општината за одделни прослави и настани.

 

Член 49

Во работата на координативното тело може да учествуваат и други лица што ќе ги определи координативното тело или што ќе ги повика претседателот на Советот кога се разгледуваат прашања од делокругот на органот, организацијата или заедницата со која раководат.

 

Член 50

Седниците на координативното тело ги свикува претседателот на Советот.
Предлог на дневен ред на седницата на координативното тело поднесува претседателот на Совет.
Претседателот на Советот ги потпишува белешките што ги содржат ставовите и заклучоците на координативното тело.
За седниците на координативното тело се составува белешка.

 

6.2 Свикување на седници и предлагање дневен ред

 

Член 51

Советот работи на седница.
Седница се свикува по потреба, но најмалку еднаш на 3 месеци.
Седницата на Советот ја свикува претседателот на Советот, на своја иницијатива, на барање на Градоначалникот или на барање од најмалку 1/4 од членовите на Советот, најдоцна во рок од 15 дена од денот на неговото поднесување.
Доколку во рокот определен во став 2 на овој член, претседателот на Советот не ја свика седницата на Советот, членовите на Советот сами се состануваат и избираат претседател за таа седница.
Денот, часот и местото на одржувањето на седницата на Советот, предлогот на дневниот ред и материјалите по прашањата кои со дневниот ред се предлагаат, им се доставуваат на членовите на Советот, најдоцна 7 дена пред денот определен за одржување на седницата.

 

Член 52

Вонредна седница на Советот свикува претседателот на Советот по сопствена иницијатива, или на барање на најмалку една третина од членовите на Советот.
Во известувањето за свикување на вонредната седница се наведуваат времето, местото на одржување и дневниот ред на седницата.
Советот неможе да го менува дневниот ред за вонредната седница.
Пред започнувањето на седницата, задолжително се гласа за оправданоста на причините за свикување на вонредната седница.

 

Член 53

Дневниот ред за седницата на Советот го предлага претседателот на Советот, а го утврдува Советот на почетокот на Седницата.
Во предлогот на дневниот ред, претседателот на Советот ги вклучува сите прашања кои до денот на свикувањето се доставени до Советот од страна на член на Советот, работното тело на Советот и Градоначалникот.
Ако во предлогот на дневниот ред претседателот на Советот не го внел прашањето кое го предложил предлагачот, претседателот е должен да ги изнесе причините за тоа.
Ако предлагачот и по образложението од став 3 на овој член остане при својот предлог, има право предлогот да го образложи пред Советот.
За предлогот се одлучува без претрес.
За предложениот дневен ред се гласа “За”, “Против” или “Воздржан”.

 

Член 54

Членовите на Советот, работните тела на Советот и Градоначалникот на Општината, можат и по свикувањето на седницата, како и на самата седница да предложат во дневниот ред да се внесе одредено прашање, доколку тоа прашање е од итен карактер и не трпи одлагање со образложение на итноста.
На седницата најпрвин се одлучува за итноста без претрес.

 

6.3 Претседавање на седницата

 

Член 55

На седницата на Советот претседава претседателот на Советот.
Во случај на спреченост или отсутност на претседателот на Советот, седницата на Советот ја отвора најстариот присутен член на Советот, кој со истата претседава, додека не се избере член на Советот кој ќе претседава на седницата.

Одлуката за избор на претседател на таа седница е донесена ако за неа гласале повеќе од половината присутни членови на Советот.

 

6.4 Присуство и учество во работата на седницата

 

Член 56

На седницата на Советот претседателот може да покани да присуствуваат и да учествуваат во работата, претставници на подрачните единици на министерствата и други органи на државната управа, јавни служби, установи и претпријатија и други органи и организации, кога се разгледуваат прашања од нивна надлежност.
Претседателот на Советот ги известува членовите на Советот за тоа, кој е поканет да присуствува на седницата на Советот.
На седницата на Советот можат да присуствуваат гости, претставници на политички партии, пратеници, граѓани, членови на Советот на град скопје и Советите од другите Општини и странски државјани кои можат да им се обратат на членовите на Советот на Општината.

 

6.5 Тек на седницата 

 

Член 57

Седницата ја отвора и со неа раководи претседателот на Советот, откако ќе констатира дека постои кворум.
По отворањето на седницата, претседателот го известува Советот кои членови го најавиле своето отсуство.
Советот може да работи ако на седницата присуствуваат мнозинство од вкупниот број членови на Советот.
Кворумот го утврдува претседателот на Советот.
Ако се утврди дека нема потребно мнозинство за работа на претседателот на Советот, ќе ја одложи седницата за одреден ден и час.

 

Член 58

Пред утврдување на дневниот ред, претседателот на Советот ги дава потребните известувања во врска со прашањата, кои се содржани во дневниот ред, а особено во врска со предлозите за симнување на одделни прашања од дневниот ред, односно за дополнување на дневниот ред.

 

Член 59

Советот без претрес се изјаснува за секој предлог за измена и дополнување на дневниот ред и за дневниот ред на седницата во целост.

 

Член 60

Пред утврдување на дневниот ред, Советот го усвојува записникот од претходната седница.
Член на Советот, може да стави забелешка на записникот и да бара во него да се извршат соодветни измени и дополнувања.
За основаноста на забелешките на записникот се одлучува на седницата без претрес. Ако забелешката се усвои во записникот ќе се внесат соодветните измени.
Усвоениот записник го потпишува претседателот на Советот и записничарот.

 

Член 61

Претресот по прашањата од дневниот ред се врши според утврдениот редослед на дневниот ред.
Советот може да одлучи да се води единствен претрес за прашања кои се меѓусебно поврзани, а гласањето ќе се врши за секое прашање поодделно.

 

Член 62

На почетокот на претресот по секое прашање од дневниот ред, предлагачот, односно негов претставник, може да даде дополнителни образложенија или појаснувања.
Дополнителните образложенија или појаснувања, може да траат најмногу 3 минути.

 

Член 63

Претресот по одделно прашање трае додека по него има пријавено учесници за дискусија.
По секое прашање од дневниот ред, претресот завршува со донесување на соодветен акт.

 

6.6 Прекин на седницата

 

Член 64

 Претседателот на Советот ја прекинува Седницата на Советот:
– заради немање на мнозинство потребно за работа;
– заради нарушување на редот во салата каде се одржува седницата;
– кога за тоа ќе одлучи Советот по предлог на претседателот, по предлог на 5 члена на Советот или друг предлагач на актот или материјалот, во случај на потреба од дополнителни консултации и во други случаи, кога за тоа ќе се укаже потреба.
Времето за продолжување на прекинатата седница го определува претседателот на Советот.  

 

6.7 Право на збор

 

Член 65

На седницата на Советот никој неможе да говори пред да побара и да добие збор од претседателот на Советот.
Претседателот на Советот на членовите на Советот им дава збор според редоследот на јавувањето. Говорникот кој сака да говори по втор пат, може да добие збор по исцрпувањето на листата на пријавените кандидати.
Советот може да одлучи по одредени точки од дневниот ред, времетраењето на говорот да се ограничи пред да почне расправата по прашањето за кое се предлага ограничувањето.

 

Член 66

На предлог на претседателот или од член на Советот може да се одлучи, членот на Советот да може да говори само еднаш по истото прашање како и да се определи времето на траењето на говорот.

 

Член 67

Говорникот може да говори само по прашање кое е на дневен ред.
Ако говорникот се оддалечи од прашањето кое е на дневен ред, претседателот на Советот ќе го опомене. Ако говорникот и по повторната опомена не се придржува за дневниот ред, претседателот му го одзема зборот.

 

Член 68

Членот на Советот има право на реплика доколку биде поименично спомнат во дискусија. Репликата може да трае најмногу 2 минути.

 

6.8 Процедурални предлози

 

Член 69

Членот на Советот има приоритетно право на говор доколку побара дозвола за:
– укажување на повреда на Деловникот и Статутот на Општината;
– да предложи да се вратат предлозите повторно на работните тела;
– предлагање на претходно прашање или укажување на спорен предлог;
– да предложи одлагање на расправата;
– да предложи заклучување на расправата.
Говорот по процедуралното прашање може да трае најмногу 3 минути.
Ниту еден од процедуралните предлози не смее два пати да биде предложен за време на една иста расправа.
Предлозите од став 1 на овој член ќе имаат приоритетно значење во однос на главните прашања за кои расправата ќе биде прекината.
Во врска со предлозите од став 1 на овој член свое мислење можат да дадат предлагачот и известувачот или претседателот на работната група по чиј предлог се води расправата.
За процедуралните предлози на седницата се одлучува без претрес.

 

6.9 Одржување на редот

 

Член 70

За одржување на редот на седницата се грижи претседателот на Советот.
Претседателот на Советот ќе го опомене членот на Советот ако со своето однесување со земање на збор кога претседателот на Советот не му дал збор, со упаѓање во зборот на говорникот го нарушува редот на седницата, или употребува изрази со кои го навредува достоинството на Советот.
Доколку членот на Советот и покрај опомената, односно одземениот збор, го нарушува редот на седницата или употребува изрази со кои го навредува достоинството на Советот, претседателот на Советот ќе одреди краток прекин на седницата.
Кон одредбите за одржување на редот должни се да се придржуваат сите учесници на седницата.

 

6.10 Одлучување

 

Член 71

Советот одлучува со мнозинство на гласови од присутните членови на Советот, а најмалку со една третина од вкупниот број на членови на Советот.
Статутот, Буџетот на Општината, Завршната сметка на Буџетот, Деловникот на Советот, Одлуката за утврдување на грбот и знамето и Решението за одземање мандат, се донесуваат со мнозинство на гласови од вкупниот број на членови на Советот.

 

Член 72

Гласањето по правило се врши јавно, доколку Советот не одлучи гласањето да се врши тајно.
Јавното гласање се врши со кревање на рака, а може да се врши и со поименично изјаснување.
Гласањето со кревање на рака се врши на тој начин што претседателот ги повикува членовите на Советот да се изјаснат кој е “За” предлогот, кој е против предлогот и кој се “Воздржува” од гласањето.
Поименично гласање се врши кога тоа ќе го определи претседателот, ако смета дека е потребно точно да се утврди резултатот од гласањето, или ако тоа го побара член на Советот чие барање ќе го поддржат најмалку 5 члена на Советот.
Поименичното гласање се врши со прозивање на членовите на Советот кои се изјаснуваат со “За” или “Против” предлогот, или се воздржани од гласањето.
Прозивањето го врши претседателот на Советот.
Претседателот на Советот е должен пред почетокот на поименичното изјаснување да ги повика членовите на Советот кои се моментално излезени од салата каде се одржува седницата.

 

Член 73

Тајното гласање се врши по предлог на Претседателот на Советот или од еден член кој го поддржуваат 5 члена на Советот.
Тајното гласање се врши со гласачки ливчиња.
Гласачките ливчиња мора да бидат во еднаква големина и иста боја.
Со тајно гласање раководи претседател на Советот, а му помагаат двајца членови на Советот кој ги избира Советот.
На секое гласачко ливче се става печат на Советот.

 

Член 74

Тајното гласање се врши на тој начин што во гласачкото ливче се наведува предлогот “за” или “против”, а гласањето се врши со заокружување на еден од наведените зборови.
Во гласачкото ливче за избор, односно именување на носителите на функции се наведува функцијата за која се врши изборот, имињата и презимињата на кандидатите поединечно според азбучниот ред на нивните презимиња.
Пред името и презимето на секој кандидат се става реден број, а членовите на Советот гласаат на тој начин што го заокружуваат редниот број пред името и презимето на кандидатот.
За неважечко ќе се смета гласачкото ливче на кое се заокружени редните броеви пред имињата и презимињата на повеќе кандидати од бројот кој се избира, непотполнетото гласачко ливче, ливчето на кое се внесени нови имиња и ливчето од кое со сигурност неможе да се утврди за кој кандидат членот на Советот гласал.

 

Член 75

Претседателот на Советот, по завршувањето на гласањето, го соопштува резултатот од гласањето и констатира дали предлогот е усвоен или одбиен.

 

6.11 Записник

 

Член 76

За работа на седниците на Советот се води записник.
Записникот ги содржи основните податоци за работа на седниците, предлозите кои се поднесени и заклучоците кои се усвоени во врска со одделните прашања од дневниот ред.
Членот на Советот кој го издвоил своето мислење може да побара во записникот да се внесат битните делови од неговото мислење.
Записникот на кој не се ставени забелешки, односно Записникот во кој согласно со усвоените забелешки се извршени измени, се смета за усвоен.
Усвоениот текст на Записникот го потпишуваат претседателот на Советот и записничарот.

 

Член 77

За составување на Записникот и за чување на оригиналите на Записниците се грижи Записничарот од Стручната служба на Советот.
На барање на член на Советот може да се издаде заверен препис на Записникот.

 

6.12 Стенографски белешки

 

Член 78

За работа на седницата на Советот се водат стенографски белешки, односно снимање на магнетофонски ленти врз основа на кои се подготвуваат белешките.
Составен дел на стенографските белешки се и неодржаните говори на членовите на Советот кои на седницата, во текот на претресот, писмено се приложени, со ознака дека говорот не е одржан на седницата.
Стенографските белешки им се ставаат на увид на членовите на Советот на нивно барање, и можат да се авторизираат. Секој член на Советот има право во стенографските белешки да изврши редакциски исправки на неговото излагање, но без внесување на битни измени во текстот и без изоставање на искажани мисли.
За остварувањето на ова право на членовите на Советот се грижи записничарот.
Оригиналните стенографски белешки, односно магнетофонски ленти, се чуваат како документарен материјал.

 

7. НАЧИН НА РАБОТА НА РАБОТНИТЕ ТЕЛА НА СОВЕТОТ

 

Член 79

Работното тело на Советот работи на седници.
Седниците на работното тело ги свикува претседателот на работното тело.
Претседателот на работното тело е должен да свика седница ако тоа го побара Претседателот на Советот, или ако тоа го предложат најмалку два члена на телото, кои треба да достават потребен материјал за прашањето што предлагаат да се стави на дневен ред на седницата.
Ако претседателот на работно тело не свика седница кога е должен тоа да го стори, седницата ќе ја свика претседателот на Советот.
Во случај на отсутност на претседателот на работното тело, со седницата ќе раководи најстариот присутен член на работното тело кој ќе го потпише Записникот и извештајот од оваа седница.

 

Член 80

Покана за седница со предлог на дневниот ред и материјалите кои ќе се разгледуваат на седницата се доставуваат најмалку три дена пред одржувањето на седницата.
Дневниот ред на седницата на работното тело се утврдува на почетокот на седницата. Во дневниот ред може да се внесат и прашања кои на самата седница ќе ги предложат членовите на работното тело.
На седницата присуствуваат предлагачите на одделни материјали, а може да се поканат и претставници на подрачните единици на министерствата, други органи на државната управа и други органи и организации кои можат да изнесат мислења по прашањата кои се разгледуваат на седницата.

 

Член 81

Работното тело може да одржува седница и да претресува прашања од својот делокруг, ако на седницата присуствуваат мнозинство од членовите на работното тело.
Работното тело оформува предлози со мнозинство гласови од членовите на работните тела.

 

Член 82

Членот на работното тело има право и должност да присуствува на седница на работното тело и да учествува во работата и одлучувањето.
За присуството на членовите на работното тело се води евиденција.

 

Член 83

Претседателот на работното тело го известува претседателот на Советот за членот на тоа тело кој три пати едноподруго неоправдано отсуствувал од седницата на телото. Работното тело може да предложи Советот да го разреши тој член и на негово место да избере друг член.

 

Член 84

На седницата на работното тело никој неможе да говори пред да побара и да добие збор од претседателот на работното тело.
Претседателот на работното тело на членовите им дава збор според редоследот на јавувањето.
Членот на работното тело кој добил збор може да говори само по прашањето кое е на дневен ред.
Одредбите за процедурални предлози кои се однесуваат на седниците на Советот, соодветно се применуваат и за седниците на работното тело.

 

Член 85

Надлежното работно тело на Советот му поднесува писмен извештај одделно за секое прашање кое го разгледувало.
Извештајот содржи предлози на работното тело со образложение.
Во извештајот се внесуваат и сите изнесени и издвоени мислења и предлози по прашањата кои биле разгледувани на седницата на работното тело.
Претседателот на работното тело го потпишува извештајот и е одговорен за неговата веродостојност.

 

Член 86

 

Работното тело определува известител.
Известителот на работното тело на седницата на Советот ги застапува предлозите на телото.
Известителот неможе да го менува предлогот на работното тело и да се откаже од него, ако за тоа не го овласти телото.

 

Член 87

Работното тело може да му предложи на Советот да го одложи претресувањето на одделно прашање.

 

Член 88

Усвоените записници од седницата на работното тело ги потпишува претседателот на работното тело.

 

Член 89

Работните тела соработуваат меѓусебно.
Работните тела можат да одржуваат заеднички седници заради разгледување на прашањата од заеднички интерес или усогласувањето на предлозите.
Заедничките седници на две или повеќе работни тела ги свикуваат договорно претседателите на тие тела.
Работните тела на заедничките седници, гласаат одделно.

 

Член 90

За претресување на прашања од својата надлежност, Советот на Општината формира постојани и привремени комисии.
Советот ги има следниве постојани комисии:
– Комисија за финансирање и Буџет;
– Комисија за локален економски развој;
– Комисија за урбанизам и комунални дејности;
– Комисија за заштита и унапредување на животната средина;
– Комисија за образование;
– Комисија за култура, спорт и рекреација;
– Комисија за социјална заштита, заштита на децата и здравствена заштита;
– Комисија за јавна безбедност, безбедност во сообраќајот и противпожарна заштита;
– Комисија за месна самоуправа и општествени организации;
– Комисија за Статут и прописи;
– Комисија за мандатни прашања, избори и именувања, и
– Комисија за признанија и награди.

 

Член 91

Составот, надлежностите и изборот на комисиите е утврден со Статутот и Одлуката за нивно формирање.

 

8. ОДНОСИ НА СОВЕТОТ СО ГРАДОНАЧАЛНИКОТ И ДРУГИТЕ ОРГАНИ НА ОПШТИНАТА

 

Член 92

Односите меѓу Советот и Градоначалникот на општината се засноваат врз правата и должностите утврдени со Законот за локална самоуправа и статутот на Општината.

 

Член 93

Градоначалникот на Општината како единствен извршен орган во Општината, ја претставува Општината во комуникацијата со другите општини во земјата и странство, во односите и соработката со меѓународни организации и институции.

 

Член 94

Градоначалникот има право да присуствува и учествува во работата на седница на Советот.
Советот до Градоначалникот доставува материјали за седница во ист обем и во истите рокови како и за членовите на Советот.
 
Член 95

Градоначалникот на Советот му предлага донесување на одлуки и други општи акти од негова надлежност.
Актите предложени од Градоначалникот задолжително пред седница на Советот ги разгледува надлежното работно тело.

 

Член 96

Советот по укажување на Градоначалникот за неуставност или незаконитост на акт или одлука, истите повторно ги разгледува во рок утврден со Статутот на Општината.
Градоначалникот го прогласува и објавува актот односно одлуката, кој по повторно разгледување е потврден од страна на Советот и истовремено поднесува иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорениот пропис пред Уставниот суд на Република Македонија.
За иницијативата од став 2 на овој член, Градоначалникот е должен да го информира Министерството надлежно за вршење на работите кои се однесуваат на локалната самоуправа.

 

Член 97

Градоначалникот на Општината ги прогласува и објавува актите на Советот кои ќе му бидат доставени од страна на Претседателот на Советот.

 

Член 98

Кога Градоначалникот е отсутен или спречен да ја врши својата функција, го заменува член на Советот, кој го назначува Градоначалникот.
За време на заменувањето на Градоначалникот, на членот на Советот му мирува функцијата член на Советот.
Претседателот на Советот неможе да го заменува Градоначалникот.

 

Член 99

Општинската администрација се организира со посебна одлука на Советот.
Општинската администрација подготвува акти и врши стручни работи за Советот, како и други работи кои ќе и ги довери Советот.
Административните органи учествуваат во подготовката на седниците на Советот и неговите работни тела, и се грижат за средување и чување на актите на Советот, како и вршат други работи кои ќе им ги довери Советот.

 

9. СОРАБОТКА НА СОВЕТОТ СО ПОДРАЧНИТЕ ЕДИНИЦИ НА МИНИСТЕРСТВАТА, ОРГАНИ НА ДРЖАВНАТА УПРАВА И НЕВЛАДИНИ ОРГАНИЗАЦИИ

 

Член 100

Советот, преку управните органи на Општината, остварува соработка со подрачните единици на министерствата и другите органи на државната управа со размена на информации и податоци кои се потребни за остварување на функцијата на Советот.

 

Член 101

Претседателот на Советот, или член на Советот кој ќе го определи Советот, во име на Советот, организира состанок со раководните лица на подрачните единици на министерствата и другите органи на државната управа.

 

Член 102

Доколку Советот оцени дека е потребно, може со свој претставник да учествува во работата на заедничките стручни комисии или работни тела кои ги образува Градоначалникот заедно со подрачните единици на министерствата, за усогласување на прашања од заеднички интерес.

 

Член 103

Советот може да партиципира во стручните комисии или работни тела кои заеднички се образуваат со подрачните единици на министерствата.

 

Член 104

Советот во рамките на својата надлежност соработува и со невладини организации.

 

10. ПРОГРАМА ЗА РАБОТА НА СОВЕТОТ

 

Член 105

Советот работи според Програмата за работа на Советот.
Програмата за работа се утврдува за една календарска година.

 

Член 106

Основа за изработка на програмата за работа на Советот се: 
– работи кои со закон и Статут на Општината се ставени во надлежност на Советот;
– задачи кои произлегуваат од тие акти;
– заклучоци на Советот, и
– рокови за одржување на седници на Советот утврдени со закон.

 

Член 107

 Носителите на предлозите на актите и другите материјали, организирањето, подготовките и извршувањето на одделни задачи и работи предвидени со Програмата за работа на Советот, должни се во предвидените рокови и тие акти и материјали да ги достават до Советот на разгледување и усвојување.
 Ако од одредени причини тоа не е можно, предлагачот односно носителот на работите за тоа треба навреме да го извести Советот и да ги наведе причините заради кои неможел да ги изврши програмираните задачи во предвидениот рок.

 

11. ЈАВНОСТ ВО РАБОТАТА НА СОВЕТОТ

 

Член 108

Советот обезбедува информирање на јавноста за работата на Советот и за своите ставови и одлуки во врска со прашањата за кои расправа.

 

Член 109

Седниците на Советот се јавни.
Одлуката за исклучување на присуството на јавноста се донесува со 2/3 мнозинство гласови од вкупниот број членови на Советот, кога се разгледуваат прашања од доверлив карактер.
На расправата по Статутот, Деловникот, Буџетот на Општината,  Завршната сметка на Буџетот и за урбанистичките планови, присуството на јавноста неможе да се исклучи.

 

Член 110

Заинтересираните граѓани можат да присуствуваат на седниците на Советот, доколку нивиот број не ја попречува работата на Советот.

 

Член 111

Претставниците на средствата за јавно информирање присуствуваат на седниците на Советот и седниците на работните тела, за известување на јавноста за нивната работа, доколку седницата не е прогласена за тајна.

 

Член 112

Конференцијата за печат во врска со работата на Советот се одржува кога за тоа ќе одлучи Советот и Претседателот на Советот, а за тоа се определува претставник кој ќе одржи конференција за печат.

 

Член 113

Заради известување на јавноста за работата на органите на Општината, сите одлуки и други акти кои ги донесува Советот и другите органи на Општината, се објавуваат во “Службен гласник на Општината”.

 

12. ЗАВРШНИ ОДРЕДБИ

 

Член 114

 

Со денот на влегувањето во сила на овој Деловник, престанува да важи деловникот на Општина Кисела Вода број 08-115/1 од 11.3.1998 година, донесен од Собранието на Општина кисела Вода.

 

Член 115

 

Овој деловник влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во “Службен гласник на Општината”.

 

 

 

Споделете:

Scroll to Top