Од понеделник започнува нов времен сообраќаен режим, според кој, до 1 септември, товарни моторни возила нема да можат да возат низ Скопје, во периодот од 10 до 20 часот. Како што појаснуваат од Град Скопје, оваа мерка се воведува со цел да се заштити коловозот од оштетувања предизвикани од големите осни оптоварувања на тешките товарни моторни возила, во услови на високи дневни температури во текот на летото.
Од ваквиот режим се изземени возилата кои превезуваат жива стока, лесно расиплива стока, хуманитарна помош, медицински препарати, комуналните возила, возилата на ЈГП, превоз на експлозивни, запаливи и отровни материи, возила за превоз на градежни материјали (сиров бетон), како и градежна оператива кои вршат градежни работи на градилиштата за општините во Скопје, Град Скопје и Владата.