Препознавање на семејното насилство, на насилството врз жената, негово спречување… Ова се темите на кои во текот на вчерашниот ден дискутираа членовите на комисијата за еднакви можности на мажите и жените при Советот на општина Кисела Вода со жителите на општина Кисела Вода, во рамките на проектот кој го спроведува Министерството за труд и социјална политика заедно со македонското женско лоби.
Свои излагања имаа Весна Бошковска, Светлана Колариќ, Цена Митревска, и менторката Елена Грозданова, државен советник во Министерството за труд и социјална политика, по кои следеше едночасовна дебата со присутните. Се отворија бројни прашања во насока на сузбивање на семејното насилство, изнаоѓање на механизми и концепт за почитувањето на достоинтвото и интегритетот на личностите кои се жртви на семејното насилство, можностите за пријавување при сознание за извршено семејно насилство од страна на жртвата, но и на секое лице кое има сознание за сторено насилство …
Попладнево, со почеток во 18 часот ќе се одржи иста ваква информативна средба, но овој пат во Големата сала на општина Кисела Вода.
Претходно, во рамките на истиот проект, се изврши информирање и обука на наставниците од основните училишта и воспитувачите од градинките, за полесна детекција и професионален пристап при утврдување на случај на семејно насилство.
Подобрувањето на заштитата на жртвите од семејно насилство преку нов предлог закон за превенција , спречување и заштита од семејно насилство, беше тема и на неодамнешната јавна расправа организирана од страна на Министерството за труд и социјална политика, на која зедоа учество релевантни институции, невладиниот сектор, меѓународни организации, експерти, политичари . Министерот Диме Спасов ги презентираше предлог измените кои меѓу другото, опфаќаат сместување во центар за лицата жртви, соодветна здравствена заштита, психо – социјална итервенција и третман, економско јакнење на жртвата преку нејзино активно вклучување на пазарот на трудот, отстранување на сторителот од домот и забрана за приближување.