На 28-ми јуни 1955-тата година со Законот за подрачјата на околиите и општините во тогашна Народна Република Македонија усвоен од републичкиот собор на Народното собрание, била формирана новата Општина Кисела Вода. До изгласувањето како општина, тогашното село Кисела Вода, според законите за територјална поделба на тогашна Народна Република Македонија во периодот од 1945 до 1955-тата година влегувало во составот на Град Скопје. Интересно е дека за многу краток период Општината Кисела Вода забележува голем растеж на својот севкупен развој. Особено за одбележување е десетгодишниот период од 1955 до 1965 година кога на територијата на општината по пат на голем инвестиционен циклус никнуваат стопанските капацитети: Хемискиот комбинат Охис, Цементарница Усје, Стаклара, Електромашинскиот индустиски погон Раде Кончар, Стаклара, Фабриката за сапуни и козметика Цветан Димов, текстилните фабрики Мирка Гинова, Црвена Звезда и Прогрес, прогрес и други стопански субјекти. Во тој период Општината Кисела Вода станува водечка општина во Република Македонија. Овој епитет долго време опстојува заедно со главната карактеростика која говори дека Општина Кисела Вода во тогашни рамки имала вкупна површина од 737 квадратни километри во чии граници живееле 130 000 жители. Тој период се карактеризира и со изградба на повеќе населби од тврда градба, а како позначајни ги издвојуваме Аеродром, Јане Сандански и Лисиче.
Со осамостојувањето на Република Македонија и донесувањето на новиот Устав, се спроведоа првите повеќе партиски избори со што се напушти социјалисточкиот еднопартиски ситем и се воведе повеќе партиска парламентарна демократија . Согласно со ваквата определба на граѓаните по спроведените избори на 11.06 1991 година беше конституирано првото повеќепартиско Собрание на Општина Кисела Вода како највисок орган на локалната самоуправа.
Во септември 1996 година беше донесен Законот за нова територијална поделба на Република Македонија со кој од дотогашните 34 се формираа 123 општини и градот Скопје со Градско собрание.Од постојната општина Кисела Вода произлегоа уште три нови општини Зелениково,Студеничани, Сопиште.
Во август 2004 година ,Собранието на Република Македонија го усвои Законот за територијална организација на локалната самоуправа во Република Македонија,според кој ќе функционираат 84 општини со нови права и надлежности. Од Општината Кисела Вода според овој Зaкон овојпат произлезе новата Општина Аеродром во чиј граници се со Горно и Долно Лисиче.Легендите за името и неговото значење се пренесувале од колено на колено, а тие велат дека кон крајот на 18-тиот век во подножјето на неговата плодна источна страна се откриени изворите на кисела вода кои патем бликале под карпа на поранешен каменолом. Набрзо се доселуваат христијани од сите краишта. Подоцна месното население изворот го регулира со три истечни цевки. До самиот извор се изградени црквите Св. Ѓорѓија и Св. Никита.
Културни историски споменици
На територијата на општината евидентирани се повеќе цркви, археолошки наоѓалишта, стари средновековни споменици од духовната култура на Македонија. Тие претставуваат драгоцен прилог за науката во расветлувањето на нашето минато. Меѓу експонираните се Белчевица (некропола од римско време), Љубош (старохристијански ротонди), Пинтија и Тресалиште (наоди од доцноантичко време), Крст (депо на средновековни монети). Во месноста Три Круши пронајдена е гробница која датира од римско време и претставува историски локалитет со голема важност. На овој локалитет традиционално се одржува културното лето на општината на кој гостуваат домашни и странски културно-уметнички друштва и ансамбли, реномирани естрадни уметници и музичари.
Во општината егзистираат повеќе цркви. Постоењето на Св. Ѓорѓија според легендите се поврзува со времето на царот Јустинијан во почетокот на 6 век. Црквата Св. Никита датира од 18 век. По иницијатива на Драчевци и скопскиот митрополит Јоаким, црквата Св. Спас, осветена 1858 година, ја има денешната физиономија, додека темелите на сегашната црква Св. Петка биле осветени во 1911 година. Во манастирскиот комлекс Пеленица се наоѓа црквата Св. Руса, изградена до археолошки остатоци кои укажуваат на постоење на ранохристојанска црква. Населението на општината традиционално ги прославува сите православни христијански празници во овој локалитет.