,,Тајните на волшебната библиотека” беше насловена културната манифестација која денес, во организација на Советот на општина Кисела Вода, се одржа во Големата сала на општината.
-По повод денот на книгата, Советот го организира ова литерарно случување, кое е дел од програмата на истиот. Манифестацијата има за цeл да ја подигне читателската моќ и да ја доближи книгата до децата, уште од најрана возраст-истакна Весна Бошковска, советник во општина Кисела Вода.
Мудри мисли, поезија, драматизации на најубавите текстови од македонското народното творештво… Учениците од сите основни училишта на територија на општина Кисела Вода, пред присутните директори на училиштата, родителите, одделенските наставници, предметните наставници по македонски јазик, библиотекарите, претставниците на општинската администрација, дадоа свое видување на она што за нив значи пишаниот збор.
“За мене рајот претставува една вистинска библиотека”- преку овој цитат од Борхес, го отвори своето излагање библиотекарот, професор по литература и писателот Анета Велкоска. Зборувајќи за книгата, таа ја потенцираше нејзината важност и важноста за посетеноста на библиотеките.
Гостин на манифестацијата беше најомилениот детски автор Горјан Петрески кој, онака како што тој знае да им се доближи на помладите читатели и посебно на тинејџерите, проговори за своите писателски пориви и инспирацијата која го довела до најомилените детски романи. Читајќи неколку свои песни објавени во поетската книга “Татковата прва љубов” тој даде посебен осврт на предизвикот да се напише книга во која ќе се урне бариерата на творештво за деца и творештво за возрасни, најавувајќи дека се надева дека токму неговиот следен роман, кој првично е наменет за возрасните, ќе успее да ја постигне таа цел.
Манифестацијата ,,Тајните на волшебната библиотека” беше заокружена со благодарници од Советот за сите училишта и донација-книги за секоја училишна библиотека.