Search
Close this search box.

Легализација на дивоградби и приемен ден во општина Кисела Вода

И во новата 2015-та, општина Кисела Вода продолжува со процесот на легализација на дивоградбите, кој значи решавање на децениските проблеми на граѓаните во делот на впишување на правото на сопственост на нивните објекти. Денешното ново доделување на решенија за легализација на дивоградбите од страна на Претседателот на Советот на општина Кисела Вода, Трајче Донев, на уште 50 жители од овој дел од градот ќе им овозможи легална сопственост на своите домови. Со тоа, бројот на решени предмети се искачи на 3404.

 

-Почитувани, годинава општина Кисела Вода одбележува значаен јубилеј. Како Претседател на Советот на општината, заедно со градоначалникот Беличанец-Алексиќ, се надеваме дека 60тиот роденден ќе го дочекаме како општина која од неславен лидер по бројот на дивоградби се трансформираше во локална самоуправа која има најдобра динамика на решавање на предметите. Токму затоа нашата работа ќе продолжи со несмалена динамика, а притоа се надеваме дека од вас, граѓаните, ќе имаме силна поддршка-истакна Претседателот на Советот Донев.

Едновремено, во просториите на општина Кисела Вода, градоначалникот Билјана Беличанец-Алексиќ, одржа уште еден приемен ден за жителите на општина Кисела Вода, за во прво лице, непосредно, да слушне за нивните барања и потреби. Можноста да се реагира, да им се излезе во пресрет на граѓаните, да се решат проблемите, секако, согласно надлежностите и реалните можности, да се слушнат добрите идеи, останува да биде насока во која ќе се движи оваа општина и во периодот што следува. Приемните денови на градоначалникот Беличанец-Алексиќ и понатаму остануваат редовна пракса. Истите, се закажуваат на телефон 02/2785-400, по што граѓаните телефонски се контактираат за датумот и времето на средбата.

 

Споделете:

Scroll to Top