По повод Меѓународниот ден на лицата со попреченост, градоначалникот на Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски во својот кабинет се сретна со децата со попреченост од училиштето ,,Кузман Шапкарев” од Драчево. Покрај дружбата, Ѓорѓиевски потсети и на сѐ што е направено за нив во претходната година.
– Овие мали душички, дечињата со попреченост од училиштето ,,Кузман Шапкарев” од Драчево денес ми беа гости во мојот кабинет.
Дојдоа со своите родители да се дружиме и да се заблагодарат што по неколку децении некој имал слух за нив, за сензорната соба која ја изградивме и која значително им го олеснува и подобрува процесот на образованието.
Јас сум почестен и секако, секогаш среќен на ваквите дружби, бидејќи овие дечиња за мене секогаш се на првото место.
Во мене имаат другар, но и поддршка и партнер!
Тоа е евидентно од сето она што е реализирано досега и поставено како план за периодот пред нас.
Нашите средби се чести и ги користиме и за дружење, но и за евидентирање на различните потреби кои овие лица ги имаат.
На Меѓународниот ден на лицата со попреченост, кој во својата суштина го има надминувањето на предрасудите, маргинализацијата и дискриминацијата, ќе потсетам на бројните проекти што ги реализиравме.
Поставивме пристапна рампа на влезот на Општина Кисела Вода со што буквално ги отворивме вратите за лицата со посебни потреби, со книги напишани на Брајово писмо ја опремивме библиотеката на дечињата со оштетен вид од ДУРМДОВ ,,Димитар Влахов”, отворивме клуб во Расадник за деца со церебрална парализа кој целосно го финансираме, воспоставивме соработка со младинската организација ,,Крик” и со наша поддршка, во просториите на УЗ Црниче е отворен дневен окупационен центар за лица со попречености.
Покрај ова, им реализиравме и екскурзии, а воедно работиме на нивна целосна инклузија, вклучувајќи ги лицата со попречености во сите наши активности од културно-уметнички карактер и во сите останати сфери каде што сме процениле дека би им било интересно и едуктивно.
Континуитетот на обебедување достапност, правичност и сигурност е насоката која општина Кисела Вода ја зацрта и по која ќе се движи и во годините што се пред нас.
За нив, јас сум секогаш тука за сѐ што е потребно!” – рече Ѓорѓиевски.