Со популарната “Не кани ме”, фолк ѕвездата Миле Кузмановски синоќа го отвори својот концерт пред публиката во Паркот на бранителите во населбата Драчево. Повеќе од час и половина ги забавуваше присутните со своите најголеми хитови кои заедно со него ги пееја популарните рефрени, играа и се забавуваа.
Покрај хитовите од неговите албуми, Миле Кузмановски отпеа и повеќе други популарни македонски народни песни и со својата моќна интерпретација повторно покажа зошто е миленик на публиката со изострен музички вкус.
Концертот беше во организација на општина Кисела Вода, преку Одделението за култура при Секторот за образование, предучилишно воспитување, култура и спорт.
Дел е од традиционалната манифестација Три круши, која годинава се одржува по десетти пат. Во рамки на истата, публиката имаше можност да биде дел од концертите на Сузана Спасовска, КУД “Китка” и Зуица Лазова, како и синоќешниот, на Миле Кузмановски.