Search
Close this search box.

Општина Кисела Вода го одбележа својот патронен празник- Ѓурѓовден

Со музика, игра, песна и забава, денес Општина Кисела Вода го одбележа својот патронен празник 6 Мај-Ѓурѓовден.

Во организација на локалната самоуправа, во паркот Шопен најголемиот пролетен празник се чествуваше со богата културно-забавна програма, во која симболично со празникот кој се идентификува со раѓањето и будењето на пролетта, акцентот беше ставен врз најмладите.

Посетителите ги забавуваа акробати, жонглери, куклари, настап имаа и Златните славејчиња, повеќе млади музички таленти од овој дел на градот, како и Александар Митевски кој и самиот е некогашен жител на оваа општина.

Градоначалникот Филип Темелковски, во своето обраќање пред присутните потсети зошто токму денешниот празник кој годинава се празнува по јубилеен 20-ти пат е избран да биде патронен празник на Општина Кисела Вода.

– Имено, жителите од овој дел на градот векови наназад во старата црква “Св. Ѓорѓија”, го празнуваат овој ден кој ја симболизира истрајноста и вербата, победата на доброто над злото, го слават животот. Најстарата скопска Општина, Општина Кисела Вода негувајќи ги токму овие вредности помина значајни периоди и во историска и во политичка и во општествена смисла и годинава ќе одбележи 63 годишно постоење. Она што јас, како прв човек на оваа локална самоуправа можам и сакам да ви го ветам е дека со проактивна политика насочена исклучиво кон вас, граѓаните, интензивно и истрајно ќе работиме на прогресот на општината и на надминување на сите предизвици кои ги наметнува секојдневието.

А денешното чествување на уште еден патронен празник, на уште еден Ѓурѓовден, од кое и вие сте дел, ќе остане запишано во историјата на ова парче од градот кое е наш дом-истакна градоначалникот Темелковски, упатувајќи голема благодарност до сите денешни учесници во културно-забавната програма и посакувајќи им на сите жители на Општина Кисела Вода добро здравје, успех и благосостојба на сите полиња.

 

Споделете:

Scroll to Top