Долгогодишниот проблем со слаб притисок на водата, особено во летниот период, што го имаа повеќе од 1000 жители на месноста Три круши, во селото Драчево, наскоро ќе биде решен.
Започна втора фаза од изградбата на водоводна мрежа во овој дел на градот. По налог на општина Кисела Вода, екипите на фирмата “Енергомонт”, работат на поставување на доводен цевковод во должина од 584 метри кој ќе започнува од улицата “Партизански пат” и ќе завршува во Три круши.
Според проектот изработен од фирмата “Инпума”, водоводната мрежа во самата месност Три круши, изградена од полиетиленски цевки со Ф100мм и Ф80 мм, ќе биде со должина од 420 метри. За реализацијата на втората фаза од водоводот во месноста Три круши, која доколку тоа го дозволат временските услови, треба да заврши до крајот на летото, општина Кисела Вода од својот буџет издвои 7,5 милиони денари.