Започнува изградба на уште еден нов паркинг на улица ,,Христо Татарчев” во Кисела Вода. На површина од околу 700m² и капацитет за 70тина возила, жителите од улицата ,,Христо Татарчев” наскоро ќе добијат нов паркинг простор.
– Како што претходно најавив, креирањето на нов и урбан лик во централното подрачје на Кисела Вода е наш приоритет, а со тоа и решавање на еден од горливите проблеми на нашите сограѓани, паркинг местата. Во финална фаза се и подготовките за изведување на велосипедска патека на улицата ,,Христо Татарчев”, односно на потегот од Мечкаров па сѐ до раскрсницата со булеварот ,,Борис Трајковски”. Нови паркинг места се градат и наспроти специјалното училиште за слепи и слабовидни лица ,,Димитар Влахов”, додека пак во изминатиот период беа изградени и на повеќе други локации низ општината, сѐ со цел намалување на метежот и сообраќајот во мирување кој е значајна алка во одвивањето на целокупниот сообраќај во една ваква урбана средина. Продолжуваме со силно темпо да инвестираме во модерен и урбан лик на нашата општина, бидејќи нашите сограѓани го заслужуваат тоа-изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.