Општина Кисела Вода се приклучи во големата акција за пошумување на Цементарница Усје АД Скопје. Претседателот на Советот Трајче Донев и раководителот на секторот за човечки ресурси при општина Кисела Вода Николче Гроздановски, заедно со директорот и вработените од оваа компанија, како и жители од општината, засадија дрвца во населбата Припор, во близина на Цементарница УСЈЕ, дел од предвидените 5500.
Се работи за 3000 садници чемпреси, 2000 багреми, 250 тополи во висина од 5 метри и 250 јавори во висина од 3,5 метри. Засадените садници во вегетативен период ќе имаат капацитет за апсорпција на 900 кг јагленрод диоксид и да произведат 600 kg кислород по хектар дневно.
-Ја поздравуваме оваа акција на Цементарница Усје АД Скопје и драго ни е што можеме да дадеме сопствен придонес во неа, бидејќи се работи за активности за зачувување на нашата околина, за средината во која живееме. Грижата за животната средина е одговорност на секој поединец, а посебно на институциите на системот. Општина Кисела Вода ова го знае и преку своето работење настојува да ја потврди сопствената стратешка определба-здрава, чиста и развојна животна средина-изјави Трајче Донев, претседател на Советот на општина Кисела Вода на денешната акција за пошумување.