Општина Кисела Вода го одбележа Националниот ден на Унгарците, 15 март. Денот кога во 1848 година започна Буржоаската револуција и национално-ослободителната борба на унгарскиот народ во која се удрени темелите на модерна Унгарија.
Во знак на почит и продолжување на успешната соработка со оваа земја, делегација од општината, предводена од претставници од Одделенијата за култура, образование и екологија, положи свежо цвеќе на спомен плакетата на Шандор Петефи, која се наоѓа на истоимената улица во населба Драчево.
Симболично, после поздравниот говор на претставници од МЗ Драчево, беа прочитани стихови од ”Националната песна” на овој истакнат поет и предводник на револуцијата, која била рецитирана пред 30 000 востаници и која го означила почетокот на националната ослободителна борба.
На свеченоста, пред поголем број на граѓани од населбата Драчево, говореа Секретарот на Унгарската амбасада во Република Македонија, Андраш Деак, конзулот Сандор Маќуш, претседателот на здружението на Унгарците во Македонија, Јожеф Шутуш , како и претставници од унгарската општина Пешт Ержбет.
Општина Кисела Вода и понатаму продолжува со негување на културните и историските традиции на Унгарците кои живеат на територијата на Репулика Македонија. Преку континуираните заложби за заемно запознавање на културно-историските вредности, локалната самоуправа дава свој придонес во зближувањето на двата народа, унгарскиот и македонскиот.