Search
Close this search box.

Основците од Кисела Вода ја посетија изложбата за Ана Франк во средното економско училиште “Васил Антевски Дрен”

Во организација на Секторот зa образование, предучилишно воспитување, култура и спорт на општина Кисела Вода , учениците од основните училишта од општина Кисела Вода денес ја посeтија изложбата „Ана Франк – лекции за сегашноста“. Истата е поставена во средното економско училиште “Васил Антевски Дрен”, каде денес беа и претставници од  Младинскиот образовен форум, како и директорот на Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија Горан Садикариjо, амбасадорот Јован Теговски кои им се обратија на учениците.

 

Директорот на Меморијалниот центар Садикаријо зборуваше за страшниот прогон на неговото семејство од страна на фашистичкиот окупатор и нагласи дека нивната цел како Меморијален центар е сеќавање и едукација за Холокаустот на Евреите со цел спротивставање на предрасудите, ксенофобијата, шовинизмот, угнетувањата, анти-семитизмот, угнетувањето и сите врсти на исклученост.

-Нашата цел е со оваа изложба и со презентацијата на документарниот филм “Ана Франк„ , во нашето училиште, пред младите да ги пренесеме страдањата на нашиот пријателски народ-Евреите, народ кој претерпел страшен прогон, геноцид од страна на фашистите. Сакаме да ги пренесеме спомените од животот и прогонот на 15 годишното девојче Ана Франк кои се објавени после нејзината смрт -изјави Александар Канурков, директор на средното економско училиште “Васил Антевски Дрен” и нагласи дека да се мрази некој заради тоа што има различно етничко потекло, религија, боја, е недозволиво и апсурдно.

Професорот по историја  Кристина Георгиева – Тасева, иницијатор за настанот кој за првпат се прикажува во СДУ„Васил Антевски–Дрен“, истакна дека со прикажувањето на овој филм сакаат да ги запознаат учениците какви последици може да донесе омразата во едно опшество.

-Филмот го презентираме во соработка на МОФ, Меморијалниот центар на Евреите и МНР-изјави професорката Георгиева – Тасева.

Амбасадорот Јован Теговски, кој воедно е и член на Меѓународната алијанса за Холокаустот, пред присутните истакна дека целта на оваа презентација е да го потикне сеќавањето на Холокаустот и прогонот извршен врз еверејскиот народ.

-Да го потикнеме интересот кај младите и да им дадеме поддршка на сите оние кои сакаат да го проучуваат Холокаустот- подвлече амбасадорот Теговски.

Основците од општина Кисела Вода имаа можност да  погледнат збир од триесет и девет изложбени панели кои носат бројни детали од животот на малата Ана и нејзиното семејство од Втората светска војна. Изложбата е отворена во Македонија во рамки на проектот „Хисторија, Историја, Повјест – Лекции за денес“, поддржан од Европската Комисија , а чии организатори се Младински образовен форум и Куќата на Ана Франк од Амстердам. Во изложбата има и панели кои се креирани посебно за македонскиот контекст во периодот по Втората светска војна до денес. Посебно интересно за учениците беше што водичи низ изложбата беа млади волонтери, средношколци кои поминале обука за да ја раскажат приказната на Ана Франк.

Изложбата досега има посетено четириесетина земји, а во Македонија премиерно беше отворена во Министерството за надворешни работи, во чест на обележувањето на Меѓународниот ден на сеќавање на Холокаустот, 27-ми Јануари. Во текот на февруари, јавноста можеше да ја проследи изложбата и во Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите. Средното економско училиште “Васил Антевски Дрен” е првото училиште во кое е поставена „Ана Франк – лекции за сегашноста“. Во периодот што следува неа ќе можат да ја видат и учениците од сите средни училишта низ Македонија.

Споделете:

Scroll to Top