Градоначалниците на град Скопје и на општина Кисела Вода Коце Трајановски и Билјана Беличанец Алексиќ денес го означија почетокот на реконструкцијата на коловозот и на тротоарот на улицата “Народни херои”, во Кисела Вода. Градот Скопје ќе ја изведува реконструкцијата на потегот од крстосницата со улицата “Димо Хаџи Димов” до крстосницата со улицата “Христо Татарчев”, во должина од 416 метри. Ќе биде опфатена и крстосницата на улицата “Народни херои” со улицата “Христо Татарчев”.
Градоначалникот Коце Трајановски го појасни проектот кој треба да заврши за 90 работни дена.
-Ќе се извади целокупниот асфалтен слој, постелката долу ќе се обнови, со оглед на тоа што долниот слој под асфалтот не е стабилен, значи ќе се стабилизира. Значи, ќе мора да се вади целиот асфалт, за разлика од други места каде што само гребевме и стававме нов слој. Овде ќе има малку поголема и подлабока реконструкција . Исто така ќе бидат обновени тротоарите од двете страни- наведе градоначалникот Трајановски.
Градоначалникот на општина Кисела Вода наведе дека реконструкцијата на “Народни херои” е уште еден од низата заеднички проекти кои градот Скопје ги изведува во оваа општина, секако, во тесна соработка со службите на општина Кисела Вода, за што упати благодарност-пред се до градоначалникот Коце Трајановски и до градот Скопје, за овој и сите други заеднички проекти кои се одвиваат на оваа територија. Воедно ги наведе активностите што општина Кисела Вода ги презема на своја територија.
-Како локална самоуправа би сакала да истакнам дека во моментов се одвиваат инфраструктурни градежни активности и од страна на на општина Кисела Вода со избраната фирма на јавниот тендер. Во моментов ние имаме по локалните улици две екипи за асфалтирање и санација на ударни дупки по утврдениот распоред, преку месните и урбаните заедници. Во оваа прилика би сакала да ги замолам жителите на општина Кисела Вода за разбирање и толеранција при одвивање на ваквите градежни активности и секако, на сите учесници во сообраќајот кои поминуваат низ територијата на општина Кисела Вода-изјави градоначалникот на општина Кисела Вода.
Градот Скопје во наредниот период планира да обнови уште 400 метри од улицата Народни херои, се до вкрстувањето со булеварот Борис Трајковски.