Search
Close this search box.

Почина поранешната градоначалничка на Општина Кисела Вода, г-ѓа Билјана Беличанец

Со голема тага, ве известуваме дека вчера, 06.04.2019 год, ненадејно почина поранешната градоначалничка на Општина Кисела Вода, г-ѓа Билјана Беличанец. Градоначалникот на Општината Филип Темелковски и сите вработени во неа упатуваат длабоко сочувство до нејзиното семејството и најблиските.

 

Г-ѓа Билјана Беличанец беше градоначалник на скопската општина Кисела Вода од 2013 до 2017 година.

Беше родена на 25 јули 1973 во Скопје. Во 1994 година дипломирала како најмлад актер на Факултетот за драмски уметности на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и истата година се вработува во Народниот театар „Војдан Чернодрински“ во Прилеп, каде претежно игра главни улоги, за кои подоцна добива награди и признанија. Во 1997 година се вработила во Драмски театар – Скопје. До сега реализирала бројни главни и споредни улоги во повеќе театарски проекти во Драмски театар и други инстутуции и проекти.

Одигра голем број улоги меѓу кои и Маргарет Флаерти (Заводникот од западниот свет, 1997); Сузана (Свадбата на Фигаро, 1998); Софија Јегоровна (Платонов, 1999); Клариса де Бисоњози (Арлекин – слуга на двајца господари, 1999); Кинегонда/ Газдарица на јавна куќа (Кандид во земјата на чудата, 2000); Ерика Брукнер (Мефисто, 2000); Маре (Тетовирани души, 2001). Беше дел и ТВ-проектот „Здраво генијалци“ и натсинхронизираше гласови во турски серии. Зад неа, останува и учеството во најнаградуваниот македонски хор на Запро Запров во периодот од 1984 до 1990 година.

Добитник е на наградата за актерско остварување за улогата на г-ѓа Мартин во претставата „Ќелавата пејачка“, наградата „13 Ноември“ на град Прилеп за особено учество и придонес во културата, наградата за млад актер на Фестивалот МЕС Сараево 2000 година. Во 2009 година ја добила наградата за главна женска улога на театарскиот фестивал „Војдан Чернодрински“ за претставата „Кинегонда во Карлаленд“ и во 2012 година за улогата на Сара во „Генетика на кучињата“. Добитник на признанието „Мајка Тереза“ во 2012 година.

Посебно забележана во јавноста е по синхронизацијата на македонски на некои турски серии, а народот и даде прекар „Хурем“, по синхронизацијата на ликот на Хурем Султан во турската серија „Величествениот“.

Смртта ја дочека на неполни 46 години, како мајка на две деца и вработена во нејзиниот матичен театар,  Драмскиот театар во Скопје.

Нека почива во мир…

Споделете:

Scroll to Top