Општина Кисела Вода отпочна со преобележување на пешачките премини на преку 100 локални улици во овој дел на градот кои се во нејзина надлежност. Во рамки на активностите за подигнување на безбедноста на сите учесници во сообраќајот, а особено на пешаците, велосипедистите, мотоциклистите, како и на повеќе од 10.000 ученици од општината, неделава ќе се обноват пешачките премини пред основните училишта и градинки.
Како што претходно веќе беше објавено по јавните гласила, по извршеното истражување и анализа, општина Кисела Вода објави тендер за избор на најповолна фирма понудувач за обележување на пешачки премини на сервисните улици, на кој беше избрана фирмата “Виа сигнал”. За реализација на проектот кој треба да ја зголеми прегледноста на улиците и да ја подобри безбедноста во сообраќајот, општина Кисела Вода од својот буџет издвои 300 000 денари, а реализацијата на вакви превентивни проекти со кои ќе се постигне поголема безбедност на учесниците во сообраќајот и понатаму останува да биде приоритет во работата на оваа локална самоуправа.