Search
Close this search box.

Привршува изградбата на градинката во населбата Драчево

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Оливер Спасовски, градоначалникот на Општина Кисела Вода, Филип Темелковски, заменик министерот за труд и социјална политика, Ѓонул Бајрактар и дополнителната заменик министерка за труд и социјална политика, Санела Шкријељ денеска направија увид во градежните работи за изградба на нова модерна детска градинка во населбата Драчево.

Новата градинка ќе се простира на површина од 600 квадратни метри, со поделена катност од подрум, приземје и еден кат. Во подрумот е предвидена просторија за горилник и остава за огревен материјал. На приземјето ќе има 4 занимални за деца, а на првиот кат ќе бидат сместени јаслите. Градинката ќе биде енергетски ефикасна и ќе има капацитет да прими вкупно 125 деца. Истата, предвидено е да има и паркинг простор, додека на површина од 1320 м2 планирано е да се изврши  партерно и хортикултурно уредување.

„Владата во изминатиот период многу повеќе од било кога инвестираше во раниот детски развој преку изградба на вакви градинки, но тоа е вложување во иднината на државата во младите генерации. Тоа е основата на воспитувањето и на образованието. Изминатиот период Владата издвои околу 280 милиони денари во 44 објекти, за реконструкција или изградба на нови. Насочени бевме и на објекти во рурални средини кои со децении беа запоставени и можностите за раст и развој на децaта и семејствата не беа исти како во урбаните средини“ – рече премиерот Оливер Спасовски.

„Големо е моето задоволство што денес, заедно со Претседателот на Владата, Оливер Спасовски, имаме можност да видиме како напредува градбата на новата градинка, тука во Драчево. Познавајќи ги спецификите на општина Кисела Вода, познавајќи ги барањата на нејзините жители со кои комуницирам, беше јасна потребата од постоење на уште еден ваков капацитет кој ќе одговори на потребите на граѓаните од Драчево, но и ќе ги растерети останатите градинки од овој дел на градот. Согласно проектот изработен од Општина Кисела Вода, новата градинка ќе се простира на површина од 600 квадратни метри, со поделена катност од подрум, приземје и еден кат. Капацитетот на градинката за згрижување е за вкупно 125 деца, од кои за 95 на возраст од 2 до 6 години и за 30 до 2 годишна возраст. Затоа, дозволете ми да ја упатам својата благодарност до Владата на Република Северна Македонија, за целокупната поддршка на Општина Кисела Вода во изминатите 3 години. Имено, ќе потсетам дека покрај овој проект со поддршка на Владата во Драчево беше направена училишната сала во ОУ „Рајко Жинзифов“, како и за, слободно можеме да кажеме, новиот Дом за култура чии врати многу скоро ќе бидат отворени и ставени во служба на жителите на Драчево. Сакам да се заблагодарам и  на Министерството за труд и социјална политика на чиј Проект за подобрување на социјалните услуги, финансиран преку кредит од Светската Банка, Општина Кисела Вода аплицираше и и беше овозможена изградба на вакво здание“, истакна градоначалникот Филип Темелковски.

„Изминатиот период инвестиравме во 44 градинки и објекти за ран детски развој и создадовме услови за квалитетно згрижување на 3.000 деца од претшколска возраст. Дополнителни 15 милиони евра се обезбедени за нови инклузивни енергетски ефикасни градинки кои ќе значат нови 7.500 места за деца во градинка“, нагласи заменик министерот Ѓонул Бајрактар.

Со изградбата на градинката после доги години конечно ќе бидат намалени листите за упис на деца во објектите на ЈДГ „8 Март“, „Пеперутка 1 и 2“, лоцирани во Драчево. Имено, за успешната реализација на проектот, Општина Кисела Вода го изработи основниот проект за изградба на градинката, по што аплицираше и доби грант од Министерството за труд и социјална политика за зголемување на капацитетите на јавните детски градинки на својата територија.

Целокупниот проект е финансиран преку кредит од Светската Банка, за спроведување на Проектот за подобрување на социјалните услуги.

Изминатиов период Општина Кисела Вода во соработка со централната власт реализираше многу големи проекти преку кои видно се подобрија условите за децата во градинките.

Споделете:

Scroll to Top