Продолжува континуитетот на легализација на дивоградбите во општина Кисела Вода. Со денешното јавно доделување на нови 48 решенија, правен статус добија вкупно 3015 објекти, што е значаен податок, ако се земе предвид дека во општина Кисела Вода се пристигнати 11874 барања за легализација.
Наведувајќи ги техничките мерки кои оваа локална самоуправа досега ги има преземено во насока на подобрување на динамиката на решавање на предметите, претседателот на Советот на општина Кисела Вода, Трајче Донев кој денеска ги додели новите решенија ја потенцираше улогата на граѓаните во самиот процес на легализација.
-Во насока на подобрување на динамиката на решавање на предметите, оваа локална самоуправа излезе со низа технички мерки, како што се кадровското и техничко доекипирање на Одделението за легализација на дивоградби, зголемувањето на бројот на комисии кои излегуваат на терен и воведувањето на практика за решавање на минимум 40-50 предмети на неделно ниво.
Но, голема е и улогата што ја имаат сопствениците на нелегално изградените објекти, бидејќи, за процесот на легализација да тече, тие мораат да достават комплетна документација до административните служби. Се надевам дека овие лица нема да го чекаат крајниот рок, кој согласно последните измени што ги направи Владата со цел да им излезе во пресрет на сите, е продолжен до крајот на 2015-тата-истакна претседателот Донев.
Бројот на поднесени барања без геодетски елаборат, во овој момент, изнесува 3825. Исто така, изготвени се уште 86 урбанистички согласности, од кои, за 71 се чека уплата на надоместокот, за постапката за изготвување на Решенијата за легализација на објектите да може да се продолжи.