Во просториите на општина Кисела Вода, се одржа работна средба на градоначалникот на општина Кисела Вода Билјана Беличанец- Алексиќ со членовите на комисијата за еднакви можности на жените и мажите при Советот на општина Кисела Вода, претседателот на Комисијата за еднакви можности на жените и мажите на Собранието на Република Македонија, Лилјана Поповска и државниот советник за еднакви можности на жените и мажите при МТСП, Елена Грозданова.
На средбата, претседателот на Комисијата, Поповска, присутните ги запозна со зачетоците на формирањето на Македонско женско лоби во 2000год. во кое се обединија жени од различни структури и потекло- политички партии, невладини организации, влада, локална самоуправа, медиуми, експерти и синдикатот.
– Главна цел беше да се зголеми бројот на жени во политиката и на раководни места, отворање и решавање на прашања поврзани со родовиот аспект, посилна позиција на жените во општеството, поголема толеранција и општествена кохезија-истакна Лилјана Поповска.
Низата активности во 2006 година резултираа со носење на Закон за еднакви можности на жените и мажите, а подоцна во 2010година и Закон за спречување и заштита од дискриминација. Главната цел на овие законски решенија се воспоставување на еднакви можности на жените и мажите во политичка, економска, социјална, образовна, културна, здравствена, граѓанска и било која друга област од општествениот живот, односно отстранување на пречките и создавање на услови за остварување на потполна еднаквост меѓу жените и мажите, а секако и градење и спроведување на низа механизми за заштита од секаков вид на дискриминација во секојдневното живеење.
На оваа средба се истакна и заложбата на општина Кисела Вода, постојано, во рамките на своите надлежности и можности во континуитет да работи на подобрување на политичко и економско јакнење на жените, борба против семејното насилство и насилството врз жените , подобрување на женското здравје, подобрување на статусот на децата, баланс меѓу приватниот и професионалниот живот на жените, борба против стереотипи и предрасуди и подигање на свеста за потребата од родова рамноправност.