Општина Кисела Вода сака да реагира по повод изнесените наводи во текстот објавени на повеќе портали, во кои партијата Левица, за ситен политички маркетинг со лажни тврдења сака да го дискредитира работењето и на општината како институција и на градоначаникот Орце Ѓорѓиевски.
Имено, советниците од партијата Левица, кои веќе 1.5 година од граѓаните земаат месечен надомест од 20 000 денари, а за цел тој период имаат сработено само четири поста на фејсбук, би било добро барем да се запознаат со ингеренциите на локалната самоуправа. Би било корисно, би рекле и неопходно, барем да знаат кои се ингеренциите на градоначалникот, а кои нивните- како советници од Советот на Општина Кисела Вода.
Одлуката за донација на цемент од компанијата Цементарница, со која ревносно тврдат , цитираме, “е купен градоначалникот на Кисела Вода”, не е изгласана од страна на градоначалникот, туку од оној кој има надлежност за тоа, во случајов- Советот од кој се дел самите советници на Левица. Јавноста треба да знае дека за оваа одлука која сега оваа партија ја именува како поткуп, гласале СИТЕ советници, вклучително и советниците на “Левица”, што добро се гледа и од стенограмот од седницата на која е донесена таа одлука. Ако е ова поткуп, како што тие велат, биле ли тие, советниците од Левица, поткупени кога гласале ЗА или се надевале на некаков надомест за гласањето, па сега се чувствуваат изиграно? Исто така, многу е симптоматично што Левица или има тотално непознавање или свесно манипулира со лажни информации за надлежноста околу контролирањето на загаденоста кога е во прашање Цементарница Усје. Голем сомнеж буди вперениот прст во градоначалникот Ѓорѓиевски кој нема надлежност, и целосен молк околу институциите од централната власт и градот Скопје за кои и обичните граѓани знаат дека се единствените кои имаат ингеренции да ја контролираат компанијата Цементарница Усје.
Ако се работи за незнаење, на располагање им ги нудиме сите наши служби за да ги едуцираат и информираат каде треба да реагираат и да бараат одговори. Имено, Цементарница Усје има добиено А интегрирана еколошка дозвола за чие одобрување е надлежно Министерството за животна средина и просторно планирање. Контрола на издадените А интегрираните еколошки дозволи, односно контрола на работата на Цементарница Усје врши Државниот инспекторат за животна средина.
Ве известуваме дека од страна на Општина Кисела Вода, е пратен допис до надлежните со барање за почести контроли. Воедно, во изминатиот период под раководство на градоначалникот Ѓорѓиевски, се случуваа и рушења на дивоградби и борба со урбаната мафија, нешто што 30 години не се случувало во оваа општина. Затоа и збунуваат ваквите обвинувања, отворајќи сомнеж за други пактови, но не на градоначалникот, туку на партијата Левица, за кои треба да им одговорат на граѓаните. За почеток дали свесно ја лажат јавноста и сокриваат дека надлежност има централната власт?
Воедно, во врска со изнесените напади и лажни обвинувања со кои оваа партија се служи во изминатите денови, сакаме да ја информираме јавноста дека градоначалникот ќе однесе тужба за изнесените клевети. И на крај, бидејќи очигледно е дека советниците од Левица ја немаат ни отворено веб страницата на Општина Кисела Вода, да ги информираме дека од првиот момент на доаѓање на чело на Општината, градоначалникот Орце Ѓорѓиевски ја пушти во употреба мерната станица за загадување која во секој момент, на општинскиот вебсајт го покажува квалитетот на воздухот. Транспарентно и чесно, како секогаш досега и како што ќе биде и одсега.