Во рамки на вторaта фаза од проектите кои се финансираат преку унгарскиот кредит, а согласно договорот склучен помеѓу Владата на Република Северна Македонија и Министерството за транспорт, започнува реконструкцијата на улицата „Томе Арсовски“ во ДУП за локалитетот Бирарија.
Проектот опфаќа целосна реконструкција на улицата, со што значително ќе се подобри безбедноста во сообраќајот, пристапноста и квалитетот на локалната патна инфраструктура.
Со реализацијата на овој проект, Општина Кисела Вода уште еднаш ја потврдува својата заложба за континуирани инвестиции во инфраструктурата и создавање современи и функционални услови за секојдневниот живот на жителите.
-Продолжуваме со интензивно темпо да ги реализираме проектите кои носат конкретни придобивки за граѓаните. Реконструкцијата на улицата „Томе Арсовски“ е уште еден значаен чекор кон подобрување на локалната инфраструктура и обезбедување поквалитетни услови за живот. Остануваме посветени на рамномерен развој на сите населени места во општината и на реализација на проекти кои одговараат на реалните потреби на нашите сограѓани – изјави градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска.










