Министерот за транспорт и врски, Миле Јанкиески и Градоначалникот на Општина Кисела Вода, Билјана Беличанец Алексиќ , денеска во село Драчево го означија почетокот на комплетна реконструкција на улицата “Иван Хаџиниколов 2” ( поранешна “Ратко Митровиќ 2”) и на уште два крака, во вкупна должина од 870 метри.
По завршените градежни активности од страна на фирмата која беше избрана за изведувач, “Пелагонија АД ГОСТИВАР”, а кои треба да финишираат за 4 месеци, бенефитот ќе го почувствуваат 950те жители кои секојдневно ја користат улицата, но и сите останати жители на ова подрачје бидејќи истата е продолжение на постоечката главна улица која транзитира кон населба Драчево.
Вредноста на инвестицијата изнесува 5.4 милиони денари. 3.7 милиони денари се обезбедени од програмата ИПАРД, наменета за инвестиции и за поддршка на земјоделството и руралниот развој во земјава, преку Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој. Општина Кисела Вода во овој проект учествува со 1,7 милиони денари денари.
Исто така, заради побезбедно движење на пешаците, општина Кисела Вода обезбеди дополнителен буџет од 2 милиони денари, со кои ќе изгради тротоари од двете страни на ул. “Ратко Митровиќ”, со ширина од околу 1,5м, а ќе се вградат околу 1700 метри бетонски рабници.