Градоначалникот Билјана Беличанец-Алексиќ, денеска во Големата сала на општина Кисела Вода, додели нови 45 решенија за легализација на дивоизградени објекти. Со денешната легализација, бројот на решени предмети се искачи на 2835, што би значело дека досега се решени една четвртина од пристигнатите 11 874 барања за легализација.
-Кадровското и техничко доекипирање на одделението за легализација, зголемениот бројот на комисии кои излегуваат на терен и јавното доделување на решенијата на неделно ниво го даваат својот резултат, но сепак, неопходна е соработка со сопствениците на нелегално изградените објекти, чија доставена документација до општинските служби мора да биде комплетна-истакна градоначалникот Беличанец-Алексиќ.
Уште еднаш, апелираше да не се злоупотребува процесот на легализација и потенцираше дека дека нелегалното градење во овој вакуум простор е забрането и казниво.
– Сакам да Ве информирам дека Општинската градежна инспекција е перманентно на терен и секоја нелегална градба која ќе се детектира, а истата не е подведена под Законот за третман на бесправно изградени објекти, односно нема легална документација за градба, веднаш ќе биде срушена-потенцираше Беличанец-Алексиќ.