Search
Close this search box.

Со црвено-бели мартинки, општина Кисела Вода го одбележа празникот Ксантика

Дечиња од јавните детски градинки на територија на општина Кисела Вода, денес, делеа црвено-бели исплетени мартинки за среќа. Местото Чешма во Кисела Вода, декорирано во боите на празникот Ксантика, беше локацијата на која сите посетители и случајни минувачи можеа да ја погледнат програмата и да добијат продарок изработен од дечињата и нивните учителки и родители.

 Настанот, започна со приредба на дечињата кои облечени во македонски народни носии, играа традиционални македонски ора. На посебно поставен штанд, беа изложени различните изработки, во црвена и бела боја, во најразлични ликовни техники.

Својата креативност на тема “Црвеното и белото израз на љубовта, животот, радоста, чистотата и пролетта”, децата, во изминатиот период ја искажуваа преку работилници, и најразлични други активности кои се одвиваа и во ЈДГ” 8 Март” и во ЈДГ “Весели цветови”.

 Од волница, хартија и платно тие исплетоа преку 800 мартинки кои подарени на случајните минувачи освен што им го разубавија денот, им евоцираа и спомени од детството, од младоста, кога одбележувањето на овој празник посветен на пролетта, љубовта, цвеќињата и убавината било традиција.  

Се верува дека мартинките им носат многу среќа на оние што ги имаат на себе, без разлика дали е тоа на раката, вратот или, пак, на некој дел од облеката. Се носат цел месец или сè додека не се види првото расцветано дрво, а потоа се закачуваат на дрвото, со желба за здравје и среќа на семејството.

Летник или Ксантика е старомакедонски празник поврзан со светлината, обединувањето, сплотувањето, љубовта, среќата. Одржувајќи ја традицијата на предците кои му давале големо значение на денешниот датум , општина Кисела Вода, со организирање на денешниот настан, дава свој придонес во обидот да се зачува овој празник на мапата на македонските празници и случувања.

Споделете:

Scroll to Top