Завршуваат градежните активности на улицата “Христо Татарчев” во населбата Кисела Вода, каде Општина Кисела Вода инвестираше во изградба на паркинг простор. Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски денес изврши увид во финализирањето на ова, ново решение за сообраќајот во мирување во општина Кисела Вода.
-Со денешното асфалтирање го финализираме проектот со кој жителите на овој дел од општината добиваат нов паркинг простор на површина од околу 700m² и капацитет за 70-тина возила. Ова секако ќе го олесни живеењето и нормалното функционирање на граѓаните со адреса на улицата “Христо Татарчев”, како и на останатите кои ќе имаат потреба таму да се паркираат. Креирањето на нов модерен лик на Општина Кисела Вода подразбира решавање и на проблемот со недостиг од доволен број на паркинг места, на што интензивно работиме. Покрај овој проект, кој е во финална фаза, во изминатиот период, изградивме повеќе паркиралишта, како паркингот на улицата “Бранко Заревски” во населбата Драчево, каде се гради и уште еден, на улицата Коперникова. Нов паркинг простор се гради и на улицата “Ѓорѓи Димитров”, веднаш спроти ДУРДМОВ “Димитар Влахов”. Решение за сообраќајот во мирување добија и жителите на Бирарија, каде е изграден паркинг непосредно до градинката, како и граѓаните кои живеат во близина на бензиската станица кај Мечкаров. Во фаза на изградба е паркиралиштето во Расадник, а веќе е нарачан сообраќаен проект и за улицата “Иван Козаров”-изјави градоначалникот Ѓорѓиевски додавајќи дека Општина Кисела Вода ќе продолжи да изнаоѓа квалитетни решенија за намалување на метежот и подобрување на функционалноста на сообраќајот.