Претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски, заедно со министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, постојаниот претставник на УНДП во Македонија, Армен Григоријан, како и претставници од надлежни министерства, универзитетски професори и експерти, денес присуствуваше на јавната трибина посветена на измените на Законот за безбедност во сообраќајот на патиштата и Законот за прекршоците, познат како „Безбеден град“.Претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски, истакна дека оваа трибина е важен чекор во унапредувањето на безбедноста во сообраќајот, но и во целокупниот систем на јавна безбедност во државата.
-Денес, заедно со министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, постојаниот претставник на УНДП во Македонија, Армен Григоријан, повеќе претставници на релевантни институции и експерти, сме тука да работиме на подигнување на колективната безбедност. Ја поздравувам иницијативата за подобрување на законските рамки кои ќе придонесат за побезбедни улици, помала бројка на сообраќајни несреќи и поефикасно справување со прекршоците. Како ЗЕЛС, интензивно работиме со градоначалниците низ државата на идеи и проекти кои ќе донесат поголема безбедност во нашите општини. “Безбеден град” е иницијатива што ја поддржуваме и која може значително да придонесе во оваа насока“, изјави Ѓорѓиевски.

Тој додаде дека очекува од трибината да произлезат конкретни предлози, вклучително и законски измени кои ќе овозможат поставување видео надзор на парковските содржини и јавната опрема – концепт што ЗЕЛС веќе активно го разработува.„Институционалната соработка е клучот за успехот на овие мерки. Само со заеднички пристап, координирани политики и јасна законска рамка можеме да изградиме средина во која граѓаните ќе се чувствуваат безбедно, било да се движат по улиците, во парковите или во своите населби“, заклучи претседателот на ЗЕЛС.
