Општина Кисела Вода денес ја одржа свечената седница по повод својот 69-роденден. На настанот покрај градоначалникот Ѓориевски, Претседателот на Советот Колариќ и советницитите, присуствуваа бројни гости. Меѓу нив и Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, поранешни градоначалници, претседатели на советот, претставници на бизнис заедницата, уметници и други лица кои добија статуетки-клучеви за трајни заслуги во развојот и афирмацијата на општина Кисела Вода. Свечен говор одржа градоначалникот Ѓорѓиевски и во него се осврна на историјатот на оваа општина, како и на незјзиниот брз развој и напредок. Набројувајќи ги најзначајните проекти, тој истакна дека во последните три години е реализирано 90 проценти од програмата, но и дека е сигурен дека со заеднички напори, 70-годишнината ќе биде дочекана со 100 процентна реализација од ветеното.
– Со огромна чест и задоволство стојам пред вас денес, на 69-от роденден на нашата Кисела Вода, најстарата општина во градот Скопје. Овој значаен јубилеј го прославуваме под слоганот ,,69 години Кисела Вода, храброто срце на градот”, кој ја отсликува нашата непоколеблива решителност и смелост во преземањето на чекори за напредокот и развојот на нашата заедница.
Во изминатиот период, кој води кон големиот 70-годишен јубилеј, успеавме да реализираме повеќе од 90 проценти од мојата програма ветена пред нашите жители. Меѓу тие проекти, има и такви кои не беа зацртани претходно, но следејќи го пулсот и потребите на нашите граѓани, ги реализиравме и преточивме во конкретни дела кои го подобруваат секојдневието на сите генерации. Сигурен сум дека со заеднички напори, 70-годишнината ќе ја дочекаме со 100 процентна реализација од ветеното, со целосно сменет, подобрен лик на општината во сите населби и населени места и задоволни граѓани.
Правејќи осврт на сработеното, ние сите имаме навистина и на што да се радуваме и на што да се гордееме. Во напредна фаза сме на проектот за обнова на сите улици, во сите месни и урбани заедници. Она што го ветив, дека до крајот на мандатот во општината ќе нема неасфалтирана улица, жителите ќе го добијат и многу побрзо. За таа говори обновата на преку 50км улици и патишта, паралелно работејќи и подземно.
Изградивме атмосферска мрежа во должина од 5470 метри, фекална канализациона мрежа 8200 метри и 4200 метри водоводна мрежа. Би сакал да го издвојам капиталниот проект за изградба на фекална и водоводна мрежа во Каменик, едно горливо прашање, со кое никој порано не се осмелуваше да се зафати, и да ве информирам дека досега ја завршивме изградбата на 2700 метри фекална мрежа, а преку Министерството за животна средина, а ни претстои и изградба на околу 6.5 км водоводна мрежа со резервоар од 500м3 вода и препумпна станица.
Се надевам дека со новоизбраната Влада, процесот ќе се забрза и дека овој проект во најбрзо време ќе биде финализира, а проблемите со немање на достоинствени услови за живеење трајно ќе ги затвориме.
Решавањето на проблемот со недостиг од паркинг места со кои се соочувавме со години наназад го надминуваме со изградба на нови паркинзи.
Ветив 1000 зa 4 години, а досега имаме нови 1400 пaркинг места и продолжуваме со изнаоѓање на нови локации каде што постои можност да се изгради паркинг простор. Зад нас се изградбата на два пазари, обновата на домот на културата, од годинава и возобновувањето на киното и отворањето на библиотека во Кисела Вода. Проекти на кои се чекаше со децении.
И оваа година продолживме со дигитализацијата на општината.
Ако минатата година се промовиравме како прва дигитализирана општина на Балканот која за граѓаните обезбеди услуги по електронски услуги, од неодамна на новата веб страница додадовме уште 20 нови дигитални услуги. Меѓу нив, пријава за инспекциски служби, следење на системот на јавни набавки, плаќање на такси поврзани со општината, поставување директни прашања до градоначалникот или до советниците, и она што е можеби најискористено досега-запишување на децата во градинка по електронски пат.
На овој начин спречивме уписи на деца во градинки преку врски.
Родителот од дома може да наведе за која градинка е заинтересиран и за истата да аплицира.
Со тоа и ние како локална самоуправа точно знаеме во секој момент колкав број на деца има за упис, каде има потреба од отворање на дополнителни капацитети. А бројките говорат дека наместо 450 деца на листа за чекање што ни беше наследена бројка на почетокот од мандатот, сега оваа бројка е двоцифрена и наскоро ќе ја сведеме на нула.
Ова одговорно го тврдам бидејќи досега отворивме две нови детски градинки, во Усје и во Драчево. Извршивме проширување и реконструкција на дел од градинката ,,Пеперутка 1” во Драчево, каде 50-тина години не беа извршени речиси никакви реконструктивни зафати.
Го проширивме капацитетот и на објектот ,,Кокиче”, а во непосредна нејзина близина градиме уште една нова градинка,,Верверичка”.
Обезбедени ни се средства за изградба на уште една во Расадник, но за жал поради опструкции од раководството на Градот Скопје настана застој кој не спречи веќе да ги имаме довршено првоспоменатата и започната второспоменатата градинка.
Но, како што покажавме и во изминативе три години, не постојат непремостиви пречки кога се има силна волја како што ја имам јас и мојот тим, посебно кога се во прашање проекти за нашиот највреден ресурс, децата. Големи се и инвестициите во образованието. Првиот од капиталните инфраструктурни проекти со кои ја одбележуваме оваа наша роденденска седмица, беше поставувањето на камен темелник на нов училишен објект за ООУ Свети Климент Охридски.
После точно сто години учениците од селото Драчево ќе добијат нова училишна зграда, а стариот објект поради неговата музејска вредност, ќе биде зачуван. Сите училишта ги опремивме со дигитални уреди, обезбедивме компјутери за сите наставници, ранчиња за сите првачиња, униформи за сите основци. Изградени се сензорни соби во училиштата, изградени и обновени спортски училишни сали. Пред неколку седмици ООУ ,,Невена Георгиева Дуња” целосно го опремивме со прочистувачи на воздух.
Внимаваме и на квалитетот на обраовниот процес и на обезбедувањето на стимулативна средина за сите наши ученици преку наградување на најдоброто и најквалитетното. Наградите за најталентираните ученици од сферата на науката, спортот и уметноста е закажана за денес во 13 часот.
Да потсетам дека веќе ги наградивме победниците од спортската училишна лига со бесплатен спортски камп на кој ќе заминат во август. Вакво бесплатно летување веќе традиционално обезбедуваме и за финансиски понемоќните дечиња за кои обезбедуваме низа мерки за поддршка-бесплатни часови по странски јазици, компјутери и спорт, бесплатни ужинки и слично.
Неизбежна тема кога вртиме низ важните страници на биографијата на нашата општина е темата Расадник.
Уште пред да станам градоначалник, како жител на оваа населба Расадник дадов недвосмислена поддршка на граѓаните од Кисела Вода и на невладината организација „Расадник на можности“ кои се бореа против бетонизацијата со 99 нови згради. Во изминатите две години заедно со Архитектонскиот Факултет од Скопје, Комората на Архитекти на Македонија и Асоцијацијата на Архитекти на Македонија, со граѓаните кои учествуваа во Партиципативното тело, успешно реализиравме Меѓународен конкурс, за првпат по 60 години во Македонија. Пристигнаа пет трудови, а меѓународното жири одлучи да додели две први награди, трета награда и еден откуп.
Транспарентно, како што се водеше целиот процес, целокупната јавност може да ги види наградените трудови во Домот на култура ,,Билјана Беличанец”, како и на веб страната на општината.
Победи концептот на хумано живеење за кој сум сигурен дека ќе ја трасира траекторијата на идните инвеститори кон Кисела Вода.
Големо внимание посветивме на изградба на нови паркови, детски катчиња, на изградба на спортската инфраструктура, со посебен акцент врз обновата на запуштените спортски терени и локации кои некогаш беа култни места. Бројката на ваквите места кои веќе се фреквентно посетувани од нашите жители е поголема од 20.
Сакам да проговорам малку и за културата и забавниот живот во оптина Кисела Вода кои во изминатиот период ја позиционираа Кисела Вода во место кое е репер за добра забава и квалитетен кутурен живот. Имено и во моментов е во тек културното лето на кое вчера и завчера имавме вкупна посетеност од околу 15 000 жители и би сакал да ве поканам и вечерва и утревечер на фестивалите кои ги организираме во паркот Расадник.
Вечерва имаме гости од Србија-популарниот Ѓорѓе Давид и Бресквица на кои ќе им се придружи нашата Андријана Петрушовска, а веќе утре со бројни македонски изведувачи со огромен фестивал кој ќе трае од 19 часот до полноќ, го славиме роденденот на Општина Кисела Вода, како и роденденот на Суперхикс.
Покрај Суперхикс, ќе ги слушаме и нивните пријатели Фолтин‘, Дани Димитровска, ’21 век‘, Битолски камерен оркестар, Мите Димовски, Ја дека и зека, Гоце Саф и многу други.
Сметам дека култните бендови како овој кој веќе три декади се симбол на идентификација на многу генерации треба да се поддржат. Говорејќи на таа тема, морам да кажам дека финасиски секоја година ги поддржуваме уметниците од општината и нивните локални проекти.
Искрено се заблагодарувам на сите советници за нивната конструктивност во носењето на сите досегашни одлуки и за поддршката на сите добри проекти. Вашата посветеност и соработка се клучни за успехот на нашата општина. Заедништвото и сплотеноста кога имаме повисоки цели, како што се потребите на граѓаните, се нашата најголема сила.
Сакам да изразам благодарност и кон сите присутни кои годинава ќе добијат статуетки клучеви од општината.
Ова се истакнати поединци, општествено одговорни компании и други лица кои имаат трајни заслуги во афирмацијата и развојот на општина Кисела Вода. Вашата поддршка и разбирање за нашите големи и корисни идеи е од непроценливо значење за сите нас.
Особено ми е чест да објавам дека првата статуетка му е доделена на Доајенот на македонската опера и познатиот изведувач на македонски староградски и забавни мелодии, Наум Бурназ, кој поради возраста, ја прими во својот дом.
Овој чин ја потврдува нашата благодарност и почит кон оние кои со своите достигнувања го збогатуваат културниот живот на нашата заедница.
Ве уверувам дека заедно ќе ги оствариме сите наши цели и дека Кисела Вода ќе продолжи да биде пример за успешно управување и развој-истакна градоначалникот Орце Ѓорѓиевски честитајќи го уште еднаш 69-тиот роденден на Општина Кисела Вода.