Општина Кисела Вода беше првата дестинација од каде официјално започна големата теренска посета на општините од страна на градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски. Во преполната сала на Домот на култура „Билјана Беличанец“, градоначалникот Ѓорѓиевски, заедно со директорите на градските јавни претпријатија и раководството на Општина Кисела Вода предводено од градоначалничката Бети Стаменкоска-Трајкоска, вчеравечер одржаа директна средба со граѓаните.
Присутните граѓани имаа можност во прво лице да ги информираат надлежните институции за своите реални потреби. Преку искрената и директна комуникација за прашањата кои се во надлежност на градските служби, се отвори простор за многу побрзо и поефикасно решавање на проблемите на граѓаните. На средбата се разговараше конструктивно, отворено беа лоцирани сите клучни предизвици со кои се соочуваат жителите, а веднаш на терен беа понудени конкретни решенија и прецизни чекори за нивно брзо надминување.
Градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска-Трајкоска, изрази огромна благодарност до градоначалникот Ѓорѓиевски што оваа теренска иницијатива започна токму од оваа општина, потенцирајќи ја важноста на заедничкото дејствување помеѓу локалната и градската власт.
„За мене е од огромна важност што граѓаните добија можност директно да ги изнесат своите барања. Граѓаните се нашиот најголем сојузник во креирањето на подобра иднина. Кисела Вода е мојот дом, моето семејство и мојата најголема гордост. Со оваа силна доверба што ни ја даваат граѓаните, продолжуваме уште посилно – за модерна општина, за функционално Скопје и за поубав живот на нашите дечиња- истакна Стаменкоска-Трајкоска.
Оваа теренска акција продолжува да се реализира низ сите скопски општини под мотото „Блиску до народот – доследни на зборот“.









