Поставен е камен темелник, со што започна изградбата на новиот затворен пазар во Кисела Вода.
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски пред присутните го истакна задоволството што после три декади, оваа општина за првпат добива современ простор со целосна инфраструктура кој за жителите ќе биде пристојно место за набавка на свежо овошје и зеленчук, а за пазарџиите, квалитетен простор за пласман на нивните производи.
Воедно, потенцираше дека ова е еден од ветените проекти во неговата програма, чија реализација за само една година изнесува околу 70 проценти од предвиденото.
-Денес за прв пат во триесет години, отпочнуваме еден ваков капитален проект. За прв пат во историјата на Кисела Вода, моите сограѓани ќе добијат современи услови за пазарење односно еден нов, модерен, ултрасовремен, затворен пазар, нешто што во мојата општина недостасуваше повеќе од 30 години. Тука од една страна го постигнуваме ефектот моите сограѓани, мојот народ овде, во Кисела Вода да пазари во современи услови, услови какви што им доликуваат, а од друга страна и оние кои што се пазарџии, коишто го опслужуваат нашиот народ и го пласираат својот производ да имаат современи услови за пласман на своите производи, овде во Кисела Вода.
За овој проект морам да се заблагодарам и на Министерството за локална самоуправа кое што партиципира со дел од средствата во овој проект. Ова е за прв пат во историјата во Кисела Вода да имаме еден ваков нов современ пазар, ветен во мојата програма. Јас во мојата програма се обврзав дека ќе изградиме два вакви пазари, па еве, на истекот на првата година од мојот мандат веќе го почнуваме овој пазар кој што треба отприлика за два месеци да биде готов, а за многу скоро како медиуми ќе бидете повикани и во Драчево каде што ќе започнеме со изградба на уште еден ваков ултра модерен, современ, затворен пазар како што доликува за нашата современа општина. Морам да истакнам дека на истекување на година дена од мојот мандат со програмата веќе финишираме или отпочнуваме проекти како денешниов. Реализацијата на проектите изнесува околу 70% од она на кое сме се обврзале за изборите пред нашиот народ.
Продолжуваме и понатаму со уште едно посилно темпо од ова што е досега. се’ со цел да ги реализираме сите дадени ветувања во програмата и да ги подобриме условите за моите сограѓани овде во Кисела Вода-изјави градоначалникот Ѓорѓиевски.
Новиот затворен пазар е лоциран на местото од некогашниот див пазар кој функционираше во субстандардни услови, без водоводна и санитарна инфраструктура. Покрај функционалноста, новото современо здание ќе претставува и квалитетно естетско решение за овој дел од Кисела Вода, каде во непосредна близина се лоцирани паркот “Македонија” и Домот на култура “Билјана Беличанец”.