По повод одбележувањето на 221 година од раѓањето на големиот руски и светски поет Александар Сергеевич Пушкин, денеска делегации предводени од градоначалникот Филип Темелковски и амбасадорот на Руската федерација Н.Е. Сергеј Баздникин положија цвеќе пред бистата на Пушкин, во паркот кој го носи неговото име, лоциран на улицата „Пушкинова“, именувана по него.
Цвеќе пред бистата положија и почесниот конзул на Руската федерација во Охрид, проф. д-р Велимир Стојковски и проф. д-р Максим Каранфиловски со делегација од Катедрата за славистика при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“.
Рускиот гениј, Александар Сергеевич Пушкин во текот на своето творештво остави бројни врвни литературни дела од кои денес учениците и студентите од цел свет учат, добиваат инспирација и мотивација за создавање на нови дела. Пушкин бил роден во благородничко семејство, во 1799 година во Москва, тој на 15 годишна возраст во московскиот часопис „Весник Европа“, во 1814 година ја објави неговата прва поема „На другарот стихотворец“.
Во повеќе држави ширум светот, секоја година на 6 јуни се одбележува денот на раѓањето на основоположникот на современиот руски литературен јазик Пушкин, а во истовреме се слави и Денот на рускиот јазик кој во 2010 година беше воспоставен од страна на Обединетите нации.
Денеска кога сите се соочуваме и водиме борба со вирусот Ковид 19, сила и инспирација треба да ни дава и тоа што во време на пандемија, на колера, Пушкин во карaнтин ги напишал неговите најпознати дела: „Малите трагедии”, „Повести на Белкин”, а го завршил и романот во стихови „Евгениј Оњегин“.
Општина Кисела Вода со цел за побрзо справување со вирусот повикува за целосно почитување на препораките дадени од страна на Владата, а воедно потсетува и на следната порака од рускиот великан Александар Сергеевич Пушкин која во 1827 година, за време на карантинот ја испратил до своите сограѓани:
Сè ќе отиде и сè ќе помине,
сите грижи и паника ќе исчезнат,
патиштата повторно ќе станат рамни,
и градините повторно ќе бидат полни со цвеќиња.
Да го повикаме разумот на помош,
Да ја победиме болеста со моќта на знаењето,
И деновите на тешкиот испит
да ги преживееме како едно семејство!
Ќе станеме почисти и помудри
без да им подлегнеме на темнината и стравот.
Да се воздигнеме духовно и да станеме
поблиски и подобри едни кон други!
И сите на празничната маса
повторно да се радуваме на животот,
И нека на овој ден Севишниот
испрати парче среќа во секој дом!
Локалната самоуправа верува и ветува дека традиционалната културна манифестација „Пушкинови денови“ која оваа година не се одржа поради пандемијата, следната година со богата програма повторно ќе се одржи во паркот „Пушкин“.