Search
Close this search box.

Прекрасен концерт го отвори “Три Kруши 2014”

Најубавите македонски фолклорни рефрени, испеани од тројца врвни музичари поддржани од три професионални оркестри, вечерва одекнаа од локалитетот Три круши во село Драчево. Големиот концерт кој на едно место собра многубројна публика, беше првиот настан од овогодинешното, 9то по ред, издание на Културното лето на општина Кисела Вода “Три круши 2014”. Едномесечното културно доживување свечено го отвори градоначалникот на општина Кисела Вода Билјана Беличанец-Алексиќ.

– На оваа сцена, почнувајќи од вечерва, па се до крајот на јули, ќе има случувања кои навистина го заслужуваат вашето ценето внимание. Изборот на секоја содржина која ќе имате можност да ја погледнете, е внимателно направен како би ги задоволил критериумите за квалитет и естетика, притоа потпирајќи се на вкусовите и желбите на жителите на општина Кисела Вода, за кои, пред се, е наменета оваа манифестација. За нас, овогодинешното издание на манифестацијата Три круши, има посебно значение. Посебно затоа што започнува во предвечерјето на 59тиот роденден на општина Кисела Вода и претставува симбол на уште едно од вашите остварени желби , а наши ветувања. Довербата што Вие ни ја дадовте и која резултираше со конкретни проекти, е наша движечка сила во воздигнувањето на оваа локална самоуправа до вистински “сервис на граѓаните”. Водејќи се од дадениот збор пред Вас и одговорноста што тој со себе ја носи, работевме и работиме на остварување на вашите реални желби и потреби, било да се работи за изградба на водоводна и канализациска мрежа, реконструирање на патишта,  обнова на старите и отворање на нови училишта и градинки, отворање на повеќенаменски игралишта и други спортски објекти, легализација на дивоградби, доделување на ваучери за вашите новороденчиња, стипендирање на најдобрите ученици од општината или задоволување  на вашата потреба за квалитетни културни случувања, какво што е ова, вечерва-истакна градоначалникот Беличанец-Алексиќ пред публиката.

Благослов за здравје, среќа и благосостојба до присутните упати отец Гоце од црквата Св. Спас.

Концертот започна со настапот на оркестрите при МРТ- Големиот народен оркестар, Oркестарот на народни инструменти и оркестарот Чалгии. Ним им се придружи Анастасија Петреска чија изведба на познатите “Среќата со пари не се купува”, “Јоване море Јоване”, “Каде е мојто либе”, беше громогласно поддржана од публиката.

Во дует со Петреска, Владимир Поповски ја изведе Калино моме, а веднаш потоа, преку својот настап сите ги потсети на најубавите изворни македонски песни како “Море сокол пие”, “На сред село чeшма шарена”, “Стани моме да заиграш”…

Енергијата што со себе ја носи македонската песна, на сцена ја донесе и Елена Ѓорѓиева која заедно со публиката ги испеа “Мите море Мите”, “Фато мори душманке”, “Не кажувај либе добра ноќ”…

Со заедничка изведба на “Земјо македонска” и спектакуларен огномет, беше означен крајот на првото случување од широкиот спектар на културни настани кој ќе и биде понуден на публиката во рамки на 9тото издание на “Три круши 2014”.  Утрешното издание на оваа манифестација започнува во 20 часот и 30 минути. Посетителите на Три Круши на сцена ќе имаат можност да го проследат концертот на уметниците од музичката академија и средното музичко училиште – отсек фолклор , обединети под името ансамбл “Македонија”.

 

 

Споделете:

Scroll to Top