Градоначалникот на Општина Кисела Вода Филип Темелковски потпиша два гранта со Светска банка и Министерството за финансии, со кои ќе се реализира проектот за рехабилитација на улица „1“ во село Усје, и ќе се изврши набавка на камионче со прскалка за чистење на улици, како и минибус за превоз на деца.
Улицата “1“ во село Усје е со видливи оштетувања поради што се извршува рехабилитација на постоечкиот коловоз. Целата должина на трасата е 2.279,86 метри, коловозот на постојната улица е асфалтен со ширина од околу 4 метри, освен на мал дел каде е со ширина од околу 9 метри и улицата нема тротоар. Секаде каде постојат услови ќе се изведат тротоари, а во близина на постоечката црква ќе се изработи и паркинг простор од павер елементи со ширина од 5 метри и должина од 15 метри.
Со набавка на камиончето со прскалка за чистење под висок притисок Општина Кисела Вода во голема мерка ќе помогне за одржување на хигиената во општината, а со тоа директно ќе се подобри и квалитетот на животната средина, додека пак минибусот за превоз на ученици ќе овозможи редовен и безбеден транспорт на учениците кои секојдневно патуваат до училиште и назад. За комплетирање на реализацијата на овој проект Општина Кисела Вода ќе обезбеди дополнителни 800.000,00 денари од својот буџет.
Општина Кисела Вода уште еднаш ги потврдува своите заложби за подобрување на квалитетот на живеење, подобрување на животна средина и грижа за своите најмали жители.