Search
Close this search box.

Синоќа свечено беше отворено „Културното лето Општина Кисела Вода 2019“

Со феноменални концерти на најпознатите македонски изведувачи Ефто Пупиновски, Дани Димитровска и КУД „Китка“ вчеравечер во верско – рекретивниот центар Три круши започна „Културното лето Општина Кисела Вода 2019“.

На почетокот на манифестацијата градоначалникот на Општина Кисела Вода, Филип Темелковски ги поздрави присутните и го прогласи културното лето за отворено, додека истото започна и со читање молитва, со божји благослов од отец Гоце Димитриевски од црквата „Св. Спас“.

Македонскиот фолк пејач, Ефто Пупиновски својот настап го почна со познатата песна „Сакам да сум крај тебе“, по која следуваа и неговите најголеми хитови: „Врати се бела Марија“, „Лихнида кајче веслаше“, „Удрете тапани“, „Прости ми душо моја“, „Тинке Катинке“, а ја испеа и популарната наполитанска песна „О соле мио“.  

Прекрасниот концерт Пупиновски го заврши со „Туѓа си бескрајно“.

Публиката имаше можност да ги слушне и големите хитови на најпознатата македонска поп – рок ѕвезда, Дани Димитровска. Димитровска направи одлична атмосфера на „Три круши“ со изведбата на нејзините популарни хитови:  „Црвени дождови“, „Срца две“, „Не живеам за другите“, „Најдобра досега“, „Можеш“, „Што до тогаш“ и многу други.

На крајот настанот го збогатија играорците на КУД „Китка“ кои пред присутните облечени во уникатни македонски носии одиграа повеќе традиционални ора. Културно уметничкото друштво од Драчево повеќе од 50 години успешно придонесува за афирмација на македонскиот фолклор и традиција ширум светот.

Градоначалникот Филип Темелковски заедно со својата сопруга и Дарко Филиповски, член на Советот на Општина Кисела Вода ги проследи прекрасните концерти.

На културното лето во организација на Општина Кисела Вода кое ќе се одвива до крајот на август љубителите на добрата музика ќе имаат можност да ги слушнат и видат своите миленици: Бени и Нон Стоп, Анастасија Петреска, групата Биоритам, Миле Кузмановски, Силви Бенд, Сузана Спасовска, Александар Митевски, Драган Спасов – Дац, Кристина Арнаудова, Искра Трпева, КУД „Китка“, Мики Јовановски – Џафер и Ѓоко Таневски.

Споделете:

Scroll to Top