Градоначалникот на Општина Кисела Вода, Билјана Беличанец – Алексиќ денеска додели нови решенија за легализација на дивоградби на 70 жители на општината. Со тоа, бројот на легализирани објекти во Кисела Вода се искачи на 2.003.
Градоначалникот ги потсети граѓаните дека крајниот рок за доставување на елаборатот е 18-ти јуни 2014 година, што подразбира дека околу 4.500 граѓани од Кисела Вода имаат само уште девет месеци за да ја докомплетираат документацијата, односно да го достават геодетскиот елаборат.
Истовремено, Беличанец – Алексиќ потенцираше дека Владата на РМ, за олеснување и забрзување на овој процес воведе широка плејада на мерки, со кои се овозможи на социјално ранливите категории да плаќаат половина од цената за геодетските елаборати.
-“Оваа поволност треба да биде дополнителен стимул за сите корисници на социјална парична помош, корисниците на постојана парична помош, како и самохраните родители на деца со пречки во развојот. Нека ја искористат можноста што им ја дава државата и час поскоро нека ја заокружат процедурата за легализација” – изјави Беличанец – Алексиќ.
Таа укажа на тоа дека бенефитот од успешно заокружување на процесот на легализација ќе биде заеднички. Граѓаните ќе станат сопственици на нивните имоти, а општината ќе може да донесе нови детални урбанистички планови, во кој ќе бидат впишани и новолегализираните објекти, што е и крајна цел на овој процес.
-“Токму затоа, Општина Кисела Вода веќе започна со носење на неколку клучни урбанистички планови, кои се во согласност со новиот ГУП на Град Скопје, а се во насока на рамномерен просторен развој, рационално уредување и користење на просторот и создавање услови за хумано живеење и работа на граѓаните. Со новите детални урбанистички планови, на граѓаните и бизнис заедницата им даваме шанса за изградба на нови објекти и проширување и реконструкција на постоечките” – заврши Беличанец – Алексиќ.